15/06/2010
Белграѓани се собраа да навиваат за српската репрезентација -- и потоа да жалат заедно.
Од Бојана Миловановиќ за Southeast European Times во Белград -- 15/06/10
![]() Поразот беше големо разочарување за Србите. [Никола Барбутов/SETimes] |
Во српскиот главен град, возбудата и очекувањето беа очигледни во неделата (13-ти јуни) изутрина. Ниту едно прашање не беше толку важно како „Каде ќе го гледаш натпреварот?“
Целата земја се наоѓаше пред телевизиските екрани кога часовникот означи 4 часот попладне. Пладневната жештина само ја разгоре напнатоста меѓу навивачите, на почетокот од натпреварот на Србија против Гана.
Гледачите се собраа во домовите на своите пријатели и кафулињата. „Еј, колку пиво треба да купам за бандата?“, го праша Младен (23) својот пријател по телефон додека се возеше во автобус. „Целата банда се собира денес кај еден пријател; вкупно 15. Мораме да победиме, имаме навистина силен тим.“
Како што се приближуваше часот за натпреварот, кафулињата во центарот се преполнуваа. Навивачи облечени во дресовите на репрезентацијата се тискаа околу масите, со лица обоени со боите на српското знаме -- црвена, бела и сина. Пијалаци намалени на половина цена, игри и обложувања, беа дел од забавата.
За време на изведувањето на националните химни на Гана и на Србија, се слушаа викања и бодрења.
На една маса, четири жени го кажаа своето мислење.
![]() Навивачите се собраа во домовите, баровите и кафулињата да го следат натпреварот со Гана. [Никола Барбутов/SETimes] |
„Дефинитивно ќе ги победиме; ќе биде шест спрема нула“, рече Зорица. „Не е точно дека жените не го сакаат фудбалот“, додаде Јелица.
Младич со маица на која пишуваше „Србија“ и со српскиот грб, седеше на друга маса. „Јас не сум од Србија, јас сум Холанѓанец, но навивам за Србија“, рече тој. „Ќе биде два спрема нула за Србија“, рече Јан.
Група од пет пријатели седеа на маса, со напнат изглед, фаќајќи се за главите по секоја пропуштена шанса. „Ќе победиме еден спрема нула. Дефинитивно ќе влеземе во вториот круг од натпреварот, а потоа ќе видиме“, предвиде Лазар.
Првото полувреме заврши без ниту еден од тимовите да постигне гол. Второто полувреме започна и српската репрезентација пропушти неколку шанси за гол.
Крајот на играта се приближуваше и тензијата растеше, при што секој внимателно го гледаше секое подавање и обид за гол. Пет минути пред крајот, Гана постигна гол од пенал.
За момент, целата еуфорија исчезна. Кога ударот на ганскиот играч Асамоа Гјан ја погоди мрежата, надежите на Србија за овој Куп се разнишаа.
Навивачите гледаа внимателно да видат дали Орлите ќе можат да го изедначат резултатот. Но, тие не можеа.
Потоа тие се однесуваа стоички. „Очекував нашиот тим да победи. Се чувствувам лошо, но што да се прави? Ќе го чекаме следниот натпревар“, рече Срѓан.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's