18/03/2010
Планот за изградба и реновирање на скоро 30 градби е во тек.
Од Горан Трајков за Southeast European Times во Скопје -- 18/03/10
![]() Проектот вклучува изградба и реновирање на 30 градби во централната област на Скопје. [Toмислав Георгиев/SETimes] |
Големата обнова на македонскиот главен град се одвива според планираното, откако владата ги обелодени на видео-презентацијата минатиот месец деталите на промените. Целта е да се подобри изгледот и административната функционалност на Скопје.
Министерството за култура и скопската општина Центар се задолжени за спроведувањето на проектот, наречен „Скопје 2014“. Истиот вклучува изградба и реновирање на 30 градби во централната област на Скопје.
Голем број споменици се, исто така, предвидени со проектот -- вклучително и статуата на Александар Велики, која ќе биде поставена на врвот на новата фонтана во централниот плоштад „Македонија“ -- до крајот на оваа година.
Градоначалникот на Центар Владимир Тодоровиќ објасни дека проектот му дава на Скопје „архитектонска и урбана целина која ќе му даде на градот уметнички израз“.
Ветеранот-архитект Билјана Секова за SETimes изјави дека проектот е многу амбициозен и му ја носи на Скопје потребната архитектонска и уметничка содржина. „Се работи за мешавина на антички и барокни стилови, на кои е додадено чувството на старо Скопје“, рече таа.
Статуите на римскиот император Јустинијан Први, чиешто родно место можеби било лоцирано во близината на современо Скопје и на средовековниот цар Самоил, ќе бидат изработени во мермер. Другите споменици, како што е оној на европските светци-заштитници и словенски апостоли Св. Кирил и Методиј, ќе бидат изработени во бронза.
Изградбата на два нови пешачки моста на реката Вардар -- мостот „Око“, наречен така по својот карактеристичен круг на средината од патот, и идиосинкратички обликуваниот „Мост на уметноста“ -- е веќе започната.
Проектот, исто така, вклучува додавање нов кат и поставување свод и куполи на зградата на парламентот. Споменикот на Никола Карев, претседателот на краткотрајната Крушевска Република во 1903 година, ќе биде поставен пред зградата. До него ќе има нова порта која ќе служи како влез за другиот централен плоштад на Скопје, Пела.
Во завршна фаза се новите фасади и згради покрај реката Вардар -- Уставниот суд, Археолошкиот музеј и седиштето на финансиската полиција. Новите административни згради на Министерството за надворешни работи и Државниот архив, меѓу другите владини агенции, се во првичните фази на изградба.
Иако беше добро примен од повеќето луѓе, „Скопје 2014“ предизвика дебата меѓу владата и опозициските социјалдемократи. Партијата тврди дека проектот е претеран и дека ќе чини 200 милиони евра во време на економска криза.
Но, скопскиот градоначалник Коце Трајановски вели дека предвидената цена е 80 милиони евра. Парите ќе бидат повлечени од неколку годишни државни буџети, како и од општинските буџети на Скопје и Центар, и од приватни инвеститори.
Неколку невладини организации кои се на страната на опозицијата се обидоа да организираат јавни протести, тврдејќи дека парите требало да бидат искористени во борбата против сиромаштијата.
Секој има право на сопствено мислење, вели премиерот Никола Груевски, но истакнува дека новите градби на крајот ќе заштедат пари со намалување на кириите што некои агенции мораат да ги платат. Тој, исто така, ги истакнува градежните работни места што се отвораат и ветува дека ќе продолжи со градењето низ целата држава.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's