18/03/2010
Парламентарните резолуции кои ги опишуваат масакрите на Ерменците како геноцид, предизвикаа остра реакција од страна на Анкара.
(Заман, Еурактив, Тајмс, Вол стрит џрнал, Ајриш тајмс - 18/03/10; Хуријет, АП, Ројтерс, ДПА, ББС, РФЕ/РЛ, Телеграф - 17/03/10)
![]() „Во нашата држава моментно живеат 170.000 Ерменци. Само 70.000 од нив се турски државјани“, рече премиерот Реџеп Тајип Ердоган во вторникот (16-ти март). [Getty Images] |
Стотици илјадници Ерменци кои работат во Турција е можно да се соочат со протерување ако странските парламенти продолжат да усвојуваат резолуции во кои ќе ги опишуваат масакрите врз Ерменците во периодот на Првата светска војна, како геноцид, предупреди турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган оваа недела.
Само 70.000 од 170.000 етнички Ерменци кои живеат во Турција се турски државјани, изјави тој за Би-Би-Си во вторникот (16-ти март), за време на кусата работна посета на Лондон.
„Им гледаме низ прсти на преостанатите 100.000“, рече водачот на турската владејачка Партија на правдата и развојот (АКП). „Утре можно е да им кажам на овие 100.000 луѓе да се вратат во својата земја, ако тоа стане неопходно, бидејќи тие не се мои државјани. Јас не морам да ги држам во мојата земја.“
Неговата изјава уследи пет дена откако шведскиот парламент усвои резолуција со најмала можна разлика, а во која масакрот од 1915 година на околу 1,5 милиони Ерменци се нарекува геноцид.
Слична необврзувачка резолуција беше усвоена со 23 наспрема 22 гласови во Комисијата за надворешни работи на американскиот Конгрес, една недела порано, и сега најверојатно ќе биде ставена на гласање пред целосниот состав на Конгресот, и покрај искажаното противење на Белата куќа на мерката.
Потврдувајќи дека усвојувањето на документот на 4-ти март претставуваше назадување во односите на Вашингтон со Анкара, американскиот помошник државен секретар Филип Гордон во средата рече дека администрацијата не може да го блокира нејзиното усвојување.
„Конгресот е независно тело и тие можат да прават она што ќе одлучат“, изјави тој за новинарите.
Лута поради усвојувањето на двата документи, Анкара веднаш ги отповика своите амбасадори во Стокхолм и Вашингтон на консултации.
Турција признава дека илјадници Ерменци биле убиени во државата во периодот пред распадот на Отоманската империја, но истото го припишува на меѓуетничките борби во еден период на целокупно превирање. Државата тврди дека бројот на жртвите е преувеличен.
Опишувајќи го одобрението на американските и шведските пратеници на резолуциите за геноцидот како „претстава“, Ердоган ја обвини влијателната ерменска дијаспора во Соединетите Држави и Западна Европа дека стои зад ваквите потези.
Тој, исто така, обвини дека американскиот комитет и резолуциите на шведскиот парламент може да имаат негативно влијание врз напорите на неговата држава за нормализирање на односите со соседна Ерменија.
„Ние сме посветени на политика со нулта проблеми, но не можеме ништо да направиме ако другата страна се закани со тупаница додека ние подаваме рака“, турскиот весник „Заман“ го цитираше Ердоган.
Осудувајќи ги заканите со депортација на неговиот турски колега, ерменскиот премиер Тигран Саркисијан во средата истакна дека политичките изјави од ваков тип „не придонесуваат за подобрување на односите“.
Предупредувањата на Ердоган за можно протерување на ерменските имигранти, предизвика остри критики и кај групите на граѓанското општество во Турција, кои ги опишаа како дискриминаторски и неприфатливи.
„Овие коментари можат да наведат некои луѓе да мислат дека протерувањето луѓе е верзија од 2010 година на принудна миграција“, Заман го цитираше Озтурк Туркдоган, претседател на Здружението за човекови права. „Има многу турски работници низ целиот свет; дали тоа значи дека Турција ќе го прифати нивното протерување кога има меѓународен проблем?“
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's