17/03/2010
Бугарскиот премиер Бојко Борисов во вторникот рече дека ќе ги проследи сите активности спроведени во рамките на проектот за нуклеарната централа Белене до обвинителската канцеларија.
(Стандард, новинска агенција Фокус, Монитор, Actualno.com, Balkans.com - 17/03/10; БТА, БНТ, Дневник, Медиапул, Софиска новинска агенција, новинска агенција Фокус - 16/03/10)
![]() Бугарскиот премиер Бојко Борисов го посети градилиштето на втората нуклеарна централа Белене, во близина на дунавскиот град Белене, во вторникот (16-ти март). [Getty Images] |
Целата документација за изградбата на втората нуклеарна централа во Бугарија, во дунавскиот град Белене, ќе биде проследена до обвинителската канцеларија, објави во вторникот (16-ти март) бугарскиот премиер Бојко Борисов.
„Сé што е спроведено досега ќе биде поднесено на детално испитување од страна на бугарскиот генерален обвинител Борис Белчев“, рече Борисов. Според извештаите на американскиот Стејт департмент и Европската комисија, милијарди се исцрпени од проектот.
Во извештајот поднесен до него од страна на Државата агенција за национална безбедност (САНС) се наведуваат бројни прекршувања, истакна Борисов, но тој не сакаше да даде други детали, ниту да ги даде имињата на вмешаните.
Сумата инвестирана во проектот по неговото обновување во 2005 година изнесува повеќе од 600 милиони евра, изјави министерот за економија, енергија и туризам, Трајчо Трајков, за новинарите во вторникот.
Претходната социјалистичка влада склучи договор со рускиот „Атомстројекспорт“ за изградба на централата Белене од 2.000 мегавати, а потоа потпиша договор за истата за време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Софија во јануари 2008 година.
Сите претпоставуваа колку е потрошено на проектот од неговиот почеток, бугарската државна новинска агенција БТА ја цитираше изјавата на Трајков. Подоцна во вторникот, тој и Борисов го посетија градилиштето.
Посочувајќи ја ужасната состојба за темелите на првиот оддел на Белене од 1.000 мегавати, Борисов рече дека повеќе од 400 милиони евра се потрошени само за да се ископа таа „локва“.
Едната опција, рече тој, е да се прекине проектот целосно и да се заборави на 600-те милиони евра инвестирани во истиот во изминативе пет години, вклучително и околу 100 милиони евра платени однапред за нуклеарната централа. Ако Софија ја избере таа опција, други 600 милиони евра од парите на даночните обврзници ќе мора да бидат платени за опрема што е веќе нарачана, плус 250 милиони евра за исплата на долговите.
„Ако го напуштиме Белене, ќе можеме да направиме базен од 1 милијарда евра за одгледување крап“, рече Борисов.
Втората опција би била да го одржиме во живот блокираниот проект, рече тој.
Минатиот месец Русија се понуди да ги обезбеди потребните 1,9 милијарди евра, за да може градежните работи -- кои треба да завршат до крајот на 2011 година -- да бидат комплетирани.
Руската понуда сé уште важи, рече Борисов, но истакна дека проектот нема да биде реализиран без европски стратешки инвеститор.
Ако нема доволно гаранции дека Белене може да стане европски проект, „јас нема да ги убедувам даночните обврзници да даваат повеќе пари“ за истиот, вети тој.
По разговорите со бугарската парламентарна делегација, предводена од претседателката Цецка Цачева, во Москва во понеделникот, рускиот министер за енергија, Сергеј Шматко, рече дека финансиската програма на Белене ќе биде финализирана до крајот на април. Тој, исто така, беше уверен дека ќе се најде стратешки инвеститор за проектот. Неговата првична цена од 4 милијарди евра достигна околу 10 милијарди евра.
Во вторникот беше цитирана изјавата на Борисов дека тој очекува потенцијалните европски стратешки инвеститори да го објават својот став во текот на следните две до три недели.
Бугарската социјалистичка партија, најжесток поддржувач на проектот Белене, издаде декларација како одговор на неговиот коментар, велејќи дека нема друга алтерантива освен нуклеарната енергија во Бугарија. Секој обид за спречување или замрзнување на проектот е еднаков на национално предавство, тврди истата.
Но, критичарите, меѓу кои и Мартин Димитров, водачот на десничарскиот Сојуз на демократските сили, и шеф на парламентарната економска комисија, повторуваат дека овој мошне контроверзен проект мора да биде целосно прекинат. На Бугарија не й треба втора нуклеарна централа, рече тој, истакнувајќи дека тоа само ќе ја зголеми зависноста на државата од руските енергетски извори. Покрај тоа, сите дискусии дека Бугарија ќе може да го зголеми својот извоз на електрична енергија откако Белене ќе биде пуштена во употреба, се чисто лицемерство, рече Димитров во телевизиското интервју во средата изутрина.
Според него, позицијата во која се наоѓа државата во моментов е како во едно семејство во кое нема пари да се покријат секојдневните потребни, но одлучува да купи хеликоптер, иако ниту знае како да управува со него, ниту, пак, може да си дозволи да купи гориво.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's