16/03/2010
Командантот на Штабот на НАТО во Сараево, бригадниот генерал Џон В. Булард, вели дека Босна и Херцеговина ќе мора да донесе тешки одлуки за да го олесни својот влез во НАТО.
Од Антонио Прленда за Southeast European Times во Сараево – 16/03/10
![]() Командантот на штабот на НАТО во Сараево, бригадниот генерал Џон В. Булард. [НАTO] |
Американскиот генерал на морнаричките сили Булард, е командант на НАТО во Сараево околу три месеци. По професија морнарички пилот, Булард има 26-годишно искуство. Тој претходно бил командант на Морнаричките воздухопловни операции. Пред неговото распоредување во Сараево, тој бил шеф на Авијациските програми и вооружените потреби во Штабот на Американските маринарички сили во Арлингтон, Вирџинија. Генералот неодамна даде ексклузивно интервју за SETimes.
SETimes: Ја презедовте командата на штабот на НАТО во Сараево од италијанскиот бригаден генерал Сабато Ерико на 15-ти јануари. Можете ли да ја објасните вашата мисија?
Бригадниот генерал Џон В Булард: Мисијата на НАТО во Босна и Херцеговина (БиХ) ќе ги поддржи и ќе им помага на државните власти за да ги спроведат реформите што й се потребни на оваа држава за членство во Алијансата. Во 2004 година, кога овој штаб беше формиран, тоа значеше копретседавање со Комисијата за реформи во одбраната за елиминирање на армиите на ентитетите, создавање единствени вооружени сили според демократски цивилен надзор и создавање воена структура која ги исполнува реалните потреби и способности на БиХ.
Овие суштински основни задачи се во голема мера завршени. НАТО го потврди тоа остварување со приемот на БиХ во програмата Партнерство за мир. Процесот на пристапување во НАТО вклучува програми како што е Планот за индивидуално партнерство, Процесот на планирање и ревизија и Индивидуалниот план за партнерство. Тие ги содржат задачите кои мора да се остварат за да се води земјата кон членство во НАТО. Штабот на НАТО во Сараево сега им помага на државните власти да ги комплетираат овие задачи.
SETimes: Кои се, според вас, главните приоритети на Штабот во Сараево во текот на следните 12 месеци?
Булард: Гледам три важни прашања на одбраната кои мора да се решат за БиХ. Тука влегува одбранбениот имот -- како недвижен, така и подвижен -- и комплетирањето на одбранбениот преглед.
Кога армиите на двата ентитети во БиХ станаа единствени државни вооружени сили, беше потребно да се идентификува одбранбениот имот во двата ентитета, потребен за идната употреба на војската и пренесување на тој имот на државното Министерство за одбрана. Имаше два вида имот, тој кој е подвижен, како оружје, муниција и воена опрема, и имот кој е недвижен, како што се полигони за обука, воени бази, опрема и складишта за муниција и згради/
Непостигнувањето согласност во врска со сопственоста и пренесувањето на недвижниот одбранбен имот на државата, доведе до тоа да се бара од вооружените сили да чуваат многу одвишни и непотребни воени области низ целата земја. Оваа задача бара огромни човечки и финансиски ресурси. Решавањето на ова прашање ќе ги ослободи војниците и финансиите за основната модернизација и обука и ќе дозволи инвестирање во одбранбената инфраструктура за задоволување на долгорочните потреби.
![]() Дел од складираната муниција е означена како „несигурна“ и „нестабилна“ -- што значи дека е во видливо лоша состојба, бара внимателно ракување и итно уништување. [Фотографијата е добиена со љубезна согласност на бригадниот генерал Џон В Булард] |
Второ, БиХ има големи резерви застарена муниција и експлозиви. Околу 57 отсто од нејзината муниција се смета за „високоризична“. „Високоризична“ е муницијата стара 20 или повеќе години. Кога оваа муницијата ќе достигне 20 години старост, сигурноста повеќе не може да се гарантира и експлозивната содржина и ракетното гориво почнува хемиски да се распаѓа. За жал, овој проблем е уште поголем поради тоа што повеќе од 97 отсто од вишокот муниција и експлозиви во БиХ ќе бидат стари 20 или повеќе години до 2013 година.
Покрај тоа, дел од таа складирана муниција е означена како „несигурна“ или „нестабилна“ -- што значи дека е во видливо лоша состојба, бара внимателно ракување и итно уништување. Во 2008 година БиХ уништи 2.000 тони од оваа муниција, но во 2009 година само 1.200 тони беа уништени. Со сегашните резерви од 25.000 тони муниција и капацитет за уништување на само 3.000 тони годишно, јасно е дека уништувањето оди премногу бавно и голем дел од тие резерви ќе бидат во несигурни услови пред уништувањето.
Конечно, Министерството за одбрана и вооружените сили моментно го завршуваат одбранбениот преглед кој ќе ги идентификува клучните мисии и задачи, дозволувајќи структурата на силите и ресурсите да бидат обликувани на тој начин што ќе одговараат на овие потреби.
SETimes: Какви промени предвидувате за време на вашиот мандат како командант на Штабот во Сараево?
Булард: Одделните команданти на овој Штаб не поставуваат краткорочни цели според својот личен мандат. НАТО има долгорочен план за БиХ, и секој командант се надева дека ќе го придвижи напред тој план. Најитен предизвик е решавањето на уништувањето на вишокот муниција, оружје и експлозиви, комплетирањето на одбранбениот преглед и финализирањето на прашањето на сопственоста на одбранбениот имот. Постигнувањето напредок во овие клучни прашање претставува приоритет за мене и мојот Штаб, заедно со продолжувањето на професионалниот развој на вооружените сили.
SETimes: Дали НАТО ќе одржи некакви вежби во БиХ во блиска иднина?
Булард: Американската Европска команда (ЕУКОМ) одржа комуникациска вежба „Здружени напори“ во Бања Лука во 2009 година и има голем успех. Властите на БиХ завршија извонредна работа во организирањето и водењето на овој голем настан. Сега е упатена покана до БиХ да биде домаќин на меѓународна медицинска вежба „Медекур“ во 2012 година. Како и „Здружени напори“ ова ќе биде вежба на американски ЕУКОМ во духот на програмата на Партнерството за мир.
SETimes: Ваш коментар за идното присуство на НАТО во БиХ?
Булард: НАТО е во БиХ во согласност со двата мандати на резолуцијата 1895 на Советот за безбедност на ОН и дирекцијата на Северноатланскиот совет да ја советува БиХ за одбранбените реформи. Ние ќе останеме за да ги завршиме задачите што ги подразбираат овие мисии. НАТО покажа дека долгорочна посветеност на БиХ. Ние сме фокусирани на крајна состојба, а не на краен датум -- а таа состојба е онаа во која БиХ ќе ги заврши сите реформи потребни да биде разгледана нејзината кандидатура за НАТО.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's