16/03/2010
Со или без Србија, планираниот самит на ЕУ и Балканот, наводно, ќе се одржи во словенечкиот град Брдо в сабота.
(WAZ.EUobserver.com - 16/03/10; Б92, Блиц - 15/03/10; AФП, Бета, Б92, Радио Србија, Софиска новинска агенција - 14/03/10; Examiner.com - 10/03/10; AФП - 09/03/10; Eурактив, АФП - 08/03/10)
![]() „Србија нема да учествува на ниту еден меѓународен форум кој не ги следи принципите на ОН“, рече претседателот Борис Тадиќ. [Getty Images] |
Самитот на ЕУ и Балканот во словенечкиот град Брдо ќе се одржи според планираното, дури и ако некои од поканетите гости не дојдат, објави во вторникот (16-ти март) бриселскиот сервис на вести Еуопсервер.
Веста за ова дојде во време на шпекулации дека состанокот в сабота -- прв на кој учествуваат водачите на сите поранешни југословенски републики, плус Албанија, во изминативе 18 месеци -- е можно да биде откажан поради заканата на Србија дека ќе го бојкотира настанот ако Косово учествува како независна држава.
Српскиот претседател Борис Тадиќ вели дека неговата држава ќе учествува на секој регионален форум кој ги почитува принципите на ОН, вклучително и резолуцијата 1244 на Советот за безбедност.
„Еден регионален форум не смее да претставува имплицитно признавање на независноста на Косово“, изјави тој за новинарите по разговорите со унгарскиот претседател Лажло Сољом во Нови Сад во неделата. „Србија ниту имплицитно, ниту експлицитно, нема да ја признае независноста на Косово, со своите одлуки или со своето учество на регионални форуми и состаноци.“
Тој тврди дека Косово, кое е признаено од 65 држави во светот, вклучително и повеќето земји-членки на ЕУ и сите балкански држави -- освен Србија и Босна и Херцеговина и Романија -- треба да учествува на меѓународни форуми под знамето на УНМИК.
Но, косовскиот премиер Хашим Тачи минатата недела рече дека ќе присуствува на состанокот во Брдо само како претставник на независна држава.
Конференцијата, која е организирана под мотото „Заедно за Европската унија: Придонесите на Западен Балкан за европската иднина“ е спонзорирана од страна на Словенија и Хрватска. На истата ќе присуствува претседателот на ЕУ Херман ван Ромпуј, како и шпанскиот министер за надворешни работи, Мигуел Ангел Моратинос.
Целта на состанокот е промовирање на изгледите за интеграција на регионот во ЕУ и „изнаоѓање решенија“ за некои отворени прашања, рече словенечкиот премиер Борут Пахор минатата недела. Организаторите, додаде Пахор, сакаат самитот да заврши со заедничка декларација за „Европската перспектива на Западен Балкан“.
Србија, која ја поднесе својата официјална апликација за членство во ЕУ во декември, беше предупредена од највлијателните членки на блокот да се воздржи од силна реторика за Косово, според извештајот на Еуопсервер.
„Ако на Србија и се даде можност да одлучи под кои услови Косово може да учествува на меѓународни или регионални форуми, тоа ќе предизвика многу проблеми за ЕУ“, Еуопсервер цитираше висок дипломат на ЕУ. „Го толериравме ова во минатото, но сега е време да се сврти нова страница.“
Една недела пред состанокот во Брдо, Чедомир Јовановиќ, водачот на српската проевропска Либерално-демократска партија, го повика Тадиќ да присуствува на самитот, како и да се состане со косовските водачи како гест на добра волја.
„Наместо да се бориме за територија, ние мораме да се бориме за живот“, белградски Б92 го цитираше Јовановиќ.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's