15/03/2010
Босна и Херцеговина го исполни последниот услов на патот до безвизниот режим, закажан за ова лето.
Од Јусуф Рамадановиќ за Southeast European Times во Сараево – 15/03/10
![]() Премиерот на БиХ Никола Шпириќ се состана минатата недела со високи претставници на ЕУ во Брисел. [Getty images] |
На состанок на Советот на министри во Босна и Херцеговина (БиХ) минатата недела, неколку официјални претставници беа избрани на важни државни позиции, во обид за исполнување на последните услови за визната либерализација на ЕУ, која се очекува во јули.
Бошњакот Химзо Селимовиќ беше назначен да го предводи Директоратот за соработка со полициските тела, додека босанскиот Србин Урош Пена и босанскиот Хрват Миле Јуриќ ќе бидат негови заменици.
На истиот состанок Винко Думанчиќ беше назначен за директор на пограничната полиција на БиХ, а Енес Гачанин за негов заменик. Марко Доминковиќ беше назначен за заменик-директор на Државната агенција за истраги и заштита.
„Со овие назначувања, Советот на министри на БиХ го исполни последниот услов од патоказот за визната либерализација“, рече претседателот на Советот на министри на БиХ и премиер Никола Шпириќ.
Во средата (10-ти март), по важната владина седница, Шпириќ го посети Брисел за да лобира за визната либерализација кај високите претставници на Европската комисија (ЕК), како што се комесарот на ЕУ за проширување, Стефан Филе, и комесарката за домашни работи на ЕУ, Сесилија Малмстром.
Шпириќ рече дека побарал од неа „да ја искористи својата лична и официјална моќ за да победиме во трката со времето ... Убеден сум дека [извештајот за напредокот на ЕК кој се очекува во април] ќе содржи такви аргументи што таа може да им покаже на своите колеги од 27 земји-членки дека БиХ ги исполни сите услови од патоказот“.
БиХ сега чека посета од Мониторинг мисијата на ЕК подоцна овој месец, пред извештајот за напредокот што го спомена Шпириќ.
Сепак, можно е да има пречки, како што се поплаките од Белгија и другите земји на ЕУ во врска со неодамнешниот прилив на баратели на азил -- претежно Албанци, од Србија и Македонија -- каде што визите беа либерализирани во декември.
„Ако укинувањето на визниот режим за граѓаните на БиХ стане политичко [прашање] наместо техничко прашање, можно е одлуката да биде одложена за постизборниот период“, рече Самир Ризво, шеф на меѓудисциплинарната работна група на БиХ за либерализација на визниот режим со ЕУ. Ризво го даде овој коментар за бањалучкиот весник Независне новине. „Ова ќе значи дека граѓаните на државата можат да добијат безвизен режим само по октомври.“
Но, германскиот член на парламентот, Франциска Брантнер за Дојче Веле изјави дека се сомнева оти Европскиот парламент ќе застане на патот.
„Не гледам дека некој во ЕП, освен можеби најекстремните делегати, би ја казнил БиХ поради тоа што се случува со Албанците“, рече Брантнер. „Не можам да го кажам истото за владите на земјите-членки каде што може да има ризик од ова прашање.“
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's