15/03/2010
Што ако? Седум години по атентатот врз премиерот Зоран Ѓинќиќ, јавноста се прашува колку поразлична ќе беше Србија денес ако Ѓинѓиќ беше жив.
Од Бојава Миловановиќ за Southeast European Times во Белград -- 15/03/10
![]() Српскиот претседател Борис Тадиќ положува цвеќе на гробот на премиерот Зоран Ѓинѓиќ во петокот (12-ти март). [Никола Барбутов/SETimes] |
Зоран Ѓинѓиќ можеби беше државник кој беше понапред од своето време, особено во однос на неговата решеност да ја стави Србија на пат кон евроатланската интеграција. Тој не доживеа да го види тоа.
„Ни треба нов социјален консензус, одложување на сите спорови и конфликти, ни треба да ги засукаме ракавите и да внесеме ред тука“, рече Ѓинѓиќ еднаш, упорен во својата визија дека Србија треба да се избори за подобро утре. „Резултатите нема да зависат само од мене, туку и од милиони луѓе кои треба да сторат нешто за себе.“
Малкумина ја сфатија или делеа упорноста на Ѓинѓиќ. Но, неговата порака опстоја, за што се доказ долгите редици луѓе кои трпеливо чекаа да му оддадат почит на убиениот водач на неговиот гроб во петокот (12-ти март), на седмата годишнина од неговата смрт.
„Ако Зоран беше жив, немаше да има волку многу криминал и ќе беше многу подобро, ако беше тој тука цело време“, изјави за SETimes Мирослав Паунковиќ (56).
Зорица Станаревиќ (48) верува дека Србија како да застана по убиството на Ѓинѓиќ.
„Тоа беше брз воз и сега сé e застанато. Нашата држава е иста како и нашите железнички пруги и патишта. Ништо не е исто без него“, изјави Станаревиќ за SETimes.
За да му оддаде почит, 26-годишната Јована Томашевиќ патувала до Белград од централниот град Крагујевац. Таа верува дека Србија веќе ќе беше во ЕУ ако Ѓинѓиќ беше жив.
„[Претседателот] Борис Тадиќ придонесе за понатамошен напредок на Србија“, рече младата жена. „Не мислам дека е идеален, но тој е најдобар избор во моментов.“
Државните власти велат дека визијата на Ѓинѓиќ за европска Србија треба да ја води нацијата.
„Мораме да мислиме на она што тој ветуваше и со тоа им даде значење на нашите животи“, рече Тадиќ. „Верувам дека сé уште има подготвеност во Србија, како и надеж, желба и ветувања. Мојата намера не е да имам неколку години празни ветувања, туку да го завршам она што Зоран го започна, но не можам да го сторам тоа без младите луѓе.“
Премиерот Мирко Цветковиќ потсети дека Ѓинѓиќ ја придвижи Србија кон европската интеграција наместо кон изолација.
„Целите остануваат исти денес“, рече Цветковиќ, истакнувајќи дека ваквите политики го забрзуваат економскиот растеж.
Гордана Матковиќ, министерка за социјални прашања во кабинетот на Ѓинѓиќ, рече дека нејзиниот шеф барал ефикасност, но и храброст за носење одлуки кои честопати биле политички непопуларни, но неопходни.
„Ми се чини дека Ѓинѓиќ беше убиен токму поради неговата цел да донесе многу радикални и брзи промени во Србија“, рече Матковиќ.
Милорад Улемек, поранешен командант на специјалната полициска единица наречена „Црвени баретки“, беше осуден на 40 години затвор за организирање на атентатот на Ѓинѓиќ. Истата казна му беше изречена на лицето што пукаше, заменикот на Улемек, Звездан Јовановиќ.
Членови на т.н. Земунски клан, исто така, беа осудени на затворска казна за учество во заговорот.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's