11/03/2010
Велејќи дека се работи за националната чест, Анкара изрази лутина поради необврзувачката резолуција која го опишува масакрот на Ерменците од Првата светска војна како геноцид.
Од Ерол Измирли за Southeast European Times во Истанбул -- 11/03/10
![]() Турскиот амбасадор во Соединетите Држави, Намик Тан, беше отповикан по гласањето на 4-ти март за резолуцијата за ерменскиот геноцид. [Getty Image] |
Анкара вели дека турскиот амбасадор во Соединетите Држави, Намик Тан, нема да се врати во Вашингтон додека иднината на т.н. документ за „Ерменскиот геноцид“ не биде обелоденета.
Со 23 наспрема 22 гласа, Комисијата за надворешни работи на американскиот дом ја одобри резолуцијата на 4-ти март, поради што Анкара го отповика Тан. Мерката е необврзувачка и нема конкретно влијание врз политиката.
Сепак, истата ги погоди врските меѓу Анкара и Вашингтон, двата блиски сојузници во НАТО. „САД не треба да изгубат стратешки партнер како Турција поради едно вакво прашање“, им рече премиерот Реџеп Тајип Еродган на новинарите во вторникот (9-ти март).
Резолуцијата ја обвинува Турција „за криминал што не го извршила“, се вели во првата реакција на турската влада на гласањето на комисијата.
Со оваа мерка се повикува администрацијата на Обама да загарантира дека американската политика официјално ги прогласува убиствата од Првата светска војна на Ерменците од страна на Отоманската империја за „геноцид“ и му се дава мандат на претседателот Барак Обама да го користи овој термин кога ќе ја упатува својата годишна порака за ова прашање во април -- нешто што тој го избегна минатата година.
Потврдувајќи дека многу Ерменци исчезнаа во периодот што му претходеше на распадот на Отоманската империја, турските водачи сепак тврдат дека трагедијата е резултат на една севкупна состојба на анархија и насилство, во кое имало и турски жртви.
Турција негира дека имало каква било систематска програма за елиминирање на Ерменците. Турските граѓани кои говорат за масакрите се затвораат според статутот од 2005 година -- член 301 -- кој забранува „навредување“ на турската нација.
Експертите велат дека бројот на Ерменците што загинале во Турција околу 1915 година изнесува повеќе од еден милион.
Ударот доаѓа во време кога Турција и соседна Ерменија се вклучени во дипломатски процес за ставање крај на неколкудецениското непријателство преку два протоколи потпишани минатиот ноември. Земјите ќе ги нормализираат врските и ќе ја отворат границата по ратификацијата на протоколите од парламентите на двете држави.
Кабинетот на Ердоган планира да се консултира со претседателот Абдула Ѓул, како и со опозициските партии -- ако биде потребно -- и да дискутира околу идните чекори, како и да ја формулира заедничката политика околу ова прашање. Давутоглу ги опиша наводите на САД како „работа на национална чест за нас“.
Ерменско-американски групи го поздравија усвојувањето на резолуцијата, велејќи дека нивната следна цел ќе биде усвојување на резолуцијата од страна на целиот Американски претставнички дом.
„Денес победи вистината, а потврдувањето на геноцидот и спречувањето на геноцидот отидоа чекор напред“, рече Брајан Ардони, извршен директор на Ерменското собрание на Америка, голема ерменско-американска организација со седиште во Вашингтон.
Ерменската влада рече дека гласањето претставува важен чекор напред за човековите права.
„Ова е доказ [повеќе] за посветеноста на американскиот народ на универзалните човекови права и е важен чекор напред за спречувањето на злосторствата против човештвото“, рече министерот за надворешни работи, Едвард Налбандијан, во изјавата од петокот.
Но, турските власти велат дека мерката ќе го спречи, наместо да помогне во процесот на помирување. „Секоја одлука во [овој] стил го блокира мирот на Турците со Ерменците. Ве молам преиспитајте го ова прашање“, рече министерот за надворешни работи, Ахмет Давутоглу, по гласањето на комисијата.
Неговото министерство побара од американскиот амбасадор во Анкара, Џејмс Џефри, да ја пренесе загриженоста на Турција. Во кусата изјава за новинарите по состанокот со заменик потсекретарот на турското Министерство за надворешни работи, Селим Јенел, Џефри рече дека адаминистрацијата на Обама се спротивставила на резолуцијата.
Слични резолуции усвои истата комисија во 2000, 2005 и 2007 година, но ниту една од нив не стигна до гласање на целиот состав на домот.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's