21/12/2009
Maкедонците, Црногорците и Србите кои имаат биометрички пасоши повеќе не треба да чекаат пред амбасада, ако сакаат да патуваат за ЕУ.
(ФТ, МИА, новинска агенција Фокус - 20/12/09; AП, АФП, ББС, Бета, Б92, Новините - 19/12/09; Софија ечо - 18/12/09)
![]() Македонците го прославуваат својот нов безвизен статус во саботата (19-ти декември). [Toмислав Георгиев/SETimes] |
За три земји во регионот, 18-годишните визни ограничувања завршија во саботата (19-ти декември), кога стапи на сила одлуката на министрите за внатрешни работи на ЕУ донесена минатиот месец. Водачите го поздравија овој повод како пресвртница на патот кон членството во ЕУ.
Македонскиот премиер Никола Груевски говореше за „историски момент“ за неговара земја, додека неговиот црногорски колега, Мило Ѓукановиќ, рече дека тоа се „најсреќни вести“ за луѓето на оваа јадранска држава оваа година. Според српскиот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ, укинувањето на визните барања на ЕУ воведени во 1991 година, кога се распаѓаше поранешна Југославија, беше „победа за сите српски граѓани“.
„Ова е силно охрабрување за интеграцијата во [ЕУ] на Западен Балкан“, рекоа министрите за внатрешни работи на трите балкански држави во заедничкото соопштение од саботата.
Поседувањето биометрички пасоши е единствениот услов што Македонците, Црногорците и Србите мораат да го исполнат сега за да патуваат во која било од 28-те земји на Шенген зоната. Истата ги вклучува сите земји на ЕУ, освен Велика Британија и Ирска, плус земјите што не се членки на ЕУ, Исланд, Норвешка и Швајцарија.
Трите земји-кандидатки за ЕУ го прославија своето вклучување во т.н. „бела Шенген листа“ со огномети, концерти и целовечерни прослави, објави АП.
По повод овој настан, 100 црногорски граѓани -- главно студенти, но и членови на социјално ранливите групи, како што се пензионерите и земјоделците -- беа испратени на еднодневно славеничко патување во Рим, додека исто толку Македонци по случаен избор, го посетија Париз.
Во меѓувреме, 50 српски граѓани заминаа на пат спонзориран од владата за Брисел, и неколку други главни градови на ЕУ, набргу откако стапи на сила одлуката за укинување на визните ограничувања.
„Ова се обични луѓе кои сториле нешто извонредно и никогаш досега не ја виделе Европа“, рече на прес-конференција српскиот вицепремиер Божидар Ѓелиќ, кој ја придружуваше групата.
Околу 70 отсто од младите Срби, наводно, никогаш досега не патувале во странство.
Македонците мора да ги заменат старите пасоши со нови, биометрички до 2012 година. Бројот на луѓето кои сакаат да го сторат ова порано драстично порасна овој месец, проширувајќи го капацитетот за да се задоволи побарувачката. Според Министерството за внатрешни работи, новите апликанти можеби ќе мораат да чекаат до септември 2010 година за да ги добијат новите документи, иако процесот може да се забрза за 35 евра -- двојно повеќе од редовната цена.
Откако државјаните на трите балкански земји ќе ги добијат своите биометрички пасоши, тие нема да треба да чекаат во долги редици пред амбасадите на земјите на ЕУ или да поднесуваат бројни документи за да добијат виза.
Стеван Пешевски, шеф на Савана, една од најголемите туристички агенции во Македонија, рече дека е премногу рано да се оценат ефектите од одлуката на ЕУ врз неговата работа.
„Очекуваме зголемено движење на туристите, но во согласност со економските можности, се разбира“, рече тој.
Авио-претпријатијата, вклучително и оние за економска класа, се оптимисти. Унгарските и романските национални авиопревозници, Малев и Таром, започнаа летови за Белград претходно овој месец. Најмалку пет авио-претпријатија за економска класа се, наводно, исто така заинтересирани да започнат со летови за Србија, објави британскиот весник Фајненшал тајмс во неделата.
Maрина Стојановска во Скопје даде свој придонес за овој натпис.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's