15/12/2009
Возот продолжи да сообраќа во неделата, скоро две децении откако војната го запре на неговата пруга.
(Индипендант, Еурактив, Емпортал, Ројтерс - 14/12/09; AП, Еуроњус, ББС, Радио Холандија, Тајмс - 13/12/09; Б92 - 12/12/09; Ројтерс - 09/12/09)
![]() Железничар стои покрај возот кој се упатува кон Белград, на сараевската железничка станица, во неделата (13-ти ноември). [Getty Images] |
Директната железничка линија која ги поврзува Белград и Сараево беше отворена во неделата (13-ти декември), скоро 18 години откако поранешна Југославија беше втурната во војни во раните 1990-ти, кои на крајот доведоа до нејзино распаѓање.
Возот помеѓу српскиот главен град и главниот град на Босна и Херцеговина (БиХ) ќе сообраќа еднаш дневно, а цената на повратниот билет изнесува 31 евро. Во еден правец, патувањето траеше околу шест часа во минатото, а денес трае осум часа, поради новите граници во правецот на железничката пруга од 500 километри преку Хрватска и лошите услови на пругата.
Во повоена Југославија, оваа услуга беше на располагање трипати на ден и беше популарна меѓу скијачите и бизнисмените. Секој од модерните возови „Олимпик експрес“, кои се сметаа за гордост на мултиетничката федерална држава во 1980-тите, имаше најмалку дузина целосно полни вагони.
Железничката линија повторно беше пуштена во неделата изутрина, кога се качија 17 патници во Експрес 451 во Белград, од кои само деветмина резервираа целосно патување до Сараево. Друг воз тргна од железничката станица во главниот град на БиХ со околу десет патници.
Секој воз има три вагони -- еден патнички вагон кој му припаѓа на железничкото претпријатие од босанскиот ентитет со кој управуваат Србите, Република Српска, друг кој му припаѓа на муслиманско-хрватскиот ентитет, Федерацијата на БиХ (ФБиХ), и вагон-ресторан кој ѝ припаѓа на Србија. Ова е единествениот вагон во кој патниците можат да пушат, под услов возот да не се наоѓа на хрватска територија.
Но, со замачканите прозорци и излижаните седиште, тие беа бледа слика на вагоните кои поминуваа во овој правец во минатото.
Како и да е, официјалните претставници изразија надеж дека престојните зимски одмори и ниската цена на билетите ќе привлечат повеќе луѓе да ја искористат услугата.
„Не мислам дека сообраќајот ќе биде целосно вратен на нивоата од пред војната. Во најдобар случај тој може да достигне 50 отсто“, рече Намик Хајриќ, главен кондуктер на железничкото претпријатие на ФБиХ, за Ројтерс минатата година, додавајќи дека и повеќе вагони може да се додадат ако биде потребно.
Но, лузните кои останаа по конфликтот во раните 1990-ти не се целосно зараснати, а помирувањето помеѓу народите на двете поранешни југословенски републики оди бавно.
Повеќе од 100.000 луѓе загинаа за време на конфликтот во БиХ во периодот 1992-1995 година, при што околу една десеттина од нив загинаа за време на 43-месечната опсада на Сараево од страна на силите под команда на поранешниот генерал на босанските Срби Ратко Младиќ.
Еден од патниците кои се качија на новиот Експрес 451 во Сараево во неделата изјави за Еуроњус дека бил истовремено „тажен и радосен“, додека друг го опиша како „еден вид историски момент“.
Белградскиот адвокат Бранко Рогошиќ, еден од оние што се качија на возот кога тргна од српскиот главен град, го сподели истото чувство.
„Ова е навистина специјален настан, повторно да се воспостави оваа врска“, АП ја цитираше неговата изјава во неделата.
Ова беше важен ден и за инженерот на возот, Душан Бошњаковиќ.
„Горд сум што се качив на првиот воз за Сараево по толку многу години“, британскиот весник Индипендант ја цитираше неговата изјава. „Добро е што врските помеѓу луѓето повторно се воспоставуваат.“
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's