02/12/2009
Законитоста на скоро двегодишната независност на Косово од Србија, беше предмет на расправа во Хаг во вторникот.
Од Линда Карадаку и Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Приштина и Белград -- 02/12/09
![]() Меѓународниот суд на правдата во текот на целата следна недела ќе ги сослушува аргументите во случајот. [МСП] |
Делегациите од Косово и Србија во вторникот (1-ви декември) се обратија пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг, претставувајќи ги своите аргументи за и против законитоста на косовската декларација за независност од 17-ти февруари. Косовската делегација е предводена од министерот за надворешни работи Скендер Хисени, додека министерот за надворешни работи Вук Јеремиќ ја води српската страна.
Презентацијата на Белград се засноваше на тврдењето дека косовското прогласување независност претставува кршење на меѓународното право. Српската страна ќе се обиде да докаже дека декларацијата е спротивна на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, која предвидува дека секое решение за статусот на Косово мора да биде одобрено и од советот.
Српскиот амбасадор во Париз, Душан Батаковиќ, дел од делегацијата, рече дека „едностраното прогласување независност“ на Косово претставува оспорување на ОН и нивната власт.
Делегацијата го повика судот да издаде свое мислење засновано на меѓународното право, независно од влијанието на одредени држави.
„Косово ја претставува српската историја и е лулка на нејзината државотворност и една од клучните основи на кои почива нејзиниот идентитет“, рече Јеремиќ за време на презентацијата, која траеше неколку часа.
Во изјавата за Ројтерс, тој рече дека ова е „првпат во историјата“ Србија да се обиде да најде решение за прашањето на покраината што прогласи независност, по мирен пат, во суд.
„Денес беше добар ден за Балканот“, рече Јеремиќ.
Хисени, кој го претстави ставот на својата држава по Србија, рече дека Косово функционира како независна република со устав и избори. Тој рече дека локалните избори минатиот месец беа „важен тест“ за неговата земја и дека очекува судот да ги земе предвид како мерка за напредокот.
„Косовската независност е неповратен процес и така и ќе остане, не само заради Косово, туку и заради одржливниот регионален мир и безбедност“, рече тој во судот.
„Сигурни сме дека светот, а во овој случај и Меѓународниот суд на правдата, ќе знаат како да ги ценат остварувањата во Косово по прогласувањето независност“, рече Хисени за Kosovo Daily Express. „Имаме цврста верба во непристрасноста на Меѓународниот суд на правдата.“
По тричасовната српска презентација, Хисени даде изјава за Радиотелевизија Србија. „Не слушнавме ништо ново. Ние сме сигурни дека судот ќе ја потврди волјата на косовскиот народ за независност и слобода“, рече тој.
Според косовскиот весник Коха Диторe, комисијата од 15 судии кои ја водат расправата за случајот, вклучува осум судии од земјите кои веќе го признаа Косово -- САД, Велика Британија, Франција, Германија, Јапонија, Јордан, Сиера Леоне и Нов Зеланд -- и седум од земјите кои сé уште не ја признале независноста -- Русија, Кина, Словачка, Мексико, Мароко, Бразил и Сомалија.
Досега 63 од 192 членки на ОН и 22 од 27 членки на ЕУ го признаа Косово како легитимна, независна држава.
Сослушувањата ќе ги вклучат и мислењата на 29 земји, меѓу кои и Русија, која е близок сојузник на Србија; и Соединетите Држави, кои веднаш го признаа Косово. Аргументите се очекува да бидат сослушани до 11-ти декември.
Иако одлуката на МСП не е обврзувачка, истата се очекува да има влијание за признавањето на младата косовска држава низ целиот свет.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's