27/11/2009
Во новиот предлог-документ се вели дека „целосното и строго“ почитување на Копенхашките критериуми е „императив“ за потенцијалните членки на ЕУ.
(Заман - 27/11/09; Eвропски парламент, Еурополитикс, МИА, Б92 - 26/11/09)
![]() Комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, побара вратите на ЕУ да останат отворени за земјите од Западен Балкан, Турција и Исланд. [Getty Images] |
Потврдувајќи ја својата поддршка за понатамошното проширување на ЕУ, Европскиот парламент во четвртокот (26-ти ноември) истовремено објави дека земјите кои имаат аспирации за членство во Унијата, мора да продолжат со реформи за да можат да му се приклучат на блокот од 27 земји.
Проширувањето „докажа дека е една од најуспешните од сите политики на ЕУ и дека е од корист како за постојните, така и за новите членки“, вели ЕУ во резолуцијата за стратегијата на проширување на Европската комисија (ЕК) за 2009 година.
Но, во документот подготвен од Габриеле Албертини, шеф на комитетот за надворешни работи на законодавниот дом, исто така, се истакнува дека „целосното и строго почитување“ на Копенхашките критериуми за членството, е „императив“ како за апликантките, така и за членките на ЕУ.
Хрватска, Македонија и Турција се официјални кандидатки за ЕУ, додека Албанија, Босна и Херцеговина (БиХ), Косово, Црна Гора и Србија моментно се сметаат за потенцијални кандидатки. Исланд, кој ја поднесе својата апликација за членство оваа година, најверојатно, ќе биде признаен за официјален кандидат во блиска иднина, со оглед на својата доброутврдена демократска традиција и високото ниво на усогласеност со легислативата на ЕУ.
ЕП ги поздрави напорите што ги прават земјите од Западен Балкан и Турција во спроведувањето на реформите за зајакнување на владеењето на правото таму. Но, „некои земји и понатаму се соочуваат со големи предизвици, особено во борбата против корупцијата и организираниот криминал“, рече истиот, истакнувајќи ја потребата за понатамошни силни напори.
Пратениците на ЕУ, исто така, повикаа на подобрување на ситуацијата со која се соочуваат малцинските етнички групи во регионот и изрази загриженост дека слободата на изразувањето „не се почитува целосно“ во некои кандидатски и некои потенцијални кандидатски земји.
ЕП „смета дека е приоритет за Западен Балкан и Турција да загарантираат слобода на медиумите од политичкото мешање, како и независност на регулаторните тела“, се вели во резолуцијата.
Исто така, ЕП ги потсетува земјите од Западен Балкан дека целосната соработка со Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) останува клучен услов за нивниот напредок кон пристапувањето.
Во документот, понатаму, се истакнува дека земјите кои имаат отворени несогласувања со соседите мора да вложат максимални напори за самите да ги решат истите, што е можно поскоро во процесот на проширување. Ако не го сторат тоа, Брисел треба да направи сé што може за изнаоѓање решение.
„Иако ваквите спорови, сами по себе, не смеат да претставуваат пречка за напредокот кон пристапувањето, ЕУ треба да го избегнува оптоварувањето со вакви отворени билатерални спорови и треба да се залага тие да се решат пред пристапувањето“, истакна ЕП.
Резолуцијата, понатаму, ја повикува ЕУ да го ратификува својот Привремен договор со Србија без одложување и да го поздрави понатамошниот напредок на Белград во неговата соработка со МКТЈ. Но, пратениците, исто така, изразија жалење поради повиците на српските власти до косовските Срби за бојкот на изборите во средината на ноември. Од Србија, исто така, е побарано да ја зајакне својата соработка со мисијата на ЕУ за владеење на правото, ЕУЛЕКС, особено во северно Косово.
ЕП, исто така, потврди напредок од страна на Албанија и Црна Гора и ги повика да продолжат со спроведувањето на реформите потребни за ЕУ. Тие рекоа дека БиХ постигнала одреден напредок во областа на безбедноста и управувањето со границите, но изразија незадоволство од „ограничениот напредок“ на земјата како потенцијална земја-кандидатка. Пратениците, исто така, ја изразија својата „сé поголема загриженост во врска со нестабилната политичка клима и немањето заедничка визија на двата ентитета“ и ја осудија употребата на провокативен јазик од страна на политичарите во земјата.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's