25/11/2009
Отворањето нова армиска база во земјата наиде на одредени критики кај локалните Албанци.
Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград -- 25/11/09
![]() Српските војници пристигнуваат во новата воена база Југ во јужна Србија, во близина на границите со Македонија и Косово. [Getty Images] |
Најголемата армиска база на Србија, наречена Југ, беше отворена во понеделникот (23-ти ноември) и, за првпат, ќе прими еден армиски баталјон.
Претседателот Борис Тадиќ и министерот за одбрана Драган Шутановац присуствуваа на церемонијата на отворање.
Базата -- популарно наречена „Српски Бондстил“, по американскиот армиски камп во близина на Урошевац, Косово -- беше изградена во општина Бујановац, во близина на македонската и косовската граница. Во Бујановац живее претежно албанско население, и локалните политичари се противат на базата, тврдејќи дека истата ќе ја милитаризира областа.
„Ние сме против идејата за специјални полициски и воени сили во овој регион, од самиот почеток, така што јас сметам дека базата нема да ја зајакне регионалната стабилност“, изјави градоначалникот на Бујановац, Шаип Кампери, за белградското Радио Б92.
Но, на церемонијата во понеделникот, Тадиќ искажа поинаков став.
„Сите српски граѓани кои сакаат мир и стабилност во регионот и најдобри можни меѓуетнички односи треба да бидат задоволни од отворањето на базата. Сите оние кои не сакаат мир и кои се вклучени во организиран криминал, немаат причина да бидат среќни денес“, рече тој.
Тадиќ, исто така, рече дека базата ќе го поттикне економскиот развој во јужна Србија, вклучувајќи околу 1.000 професионални војници, кои, исто така, ќе се обучуваат за учество во меѓународни мировни мисии. Војниците ќе му помагаат на локалното население во изградбата на инфраструктурата, а лекарските услуги во базата ќе бидат достапни и за цивилите.
Експертите велат дека базата е изградена во област каде што Србија се соочува со најголем број безбедносни предизвици и каде што минатото лето се случија терористички напади на армијата и полицијата.
„Локацијата на базата е одлична. Оваа база е една од клучните потези во процесот на реформа на одбранбениот систем на Србија“, рече професорот Зоран Драгишиќ од Факултетот за безбедност во Белград.
Србија инвестираше околу 18 милиони евра во изградбата на базата, која траеше шест години.
Идејата за изградба на армиска база беше претставена во 2001 година, по судирите помеѓу српските безбедносни сили и вооружените Албанци. Судирите завршија кога Белград загарантира дека нема да ги суди Албанците кои го положија своето оружје и не биле вклучени во убиствата на српски војници и полицајци.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's