18/11/2009
Според податоците на меѓународната набљудувачка мисија, ЕНЕМО, процесот на гласање поминал добро во 93 отсто од избирачките места.
Од Линда Карадаку за Southeast European Times во Приштина – 18/11/09
![]() Гласовите се пребројуваат во Косово Поле во понеделникот (16-ти ноември). [Лаура Хасани/SETimes] |
Прелиминарните резултати од локалните избори во Косово беа одложени поради, како што ги нарекуваат властите, „техничките тешкотии“. И покрај тоа, меѓународните и локалните набљудувачи велат дека гласањето во неделата (15-ти ноември) било задоволително и дека процесот ги исполнил меѓународните стандарди.
Делегација предводена од германската членка на Европскиот парламент, Дорис Пак, во понеделникот изјави дека изборите биле важна фаза во косовската демократска транзиција, покажувајќи го напредокот на правата и одговорностите на сите заедници преку тековниот процес на децентрализација во едно мултиетничко општество.
„Со одредени недостатоци, изборниот процес до денес се одвива во севкупна мирна и добра атмосфера, со значително учество на гласачите“, рече Пак.
Таа, исто така, го поздрави српското учество на изборите, велејќи дека косовските Срби сфаќаат оти нивната иднина зависи од нив.
„Можеби тоа ќе убеди некои држави да гледаат позитивно на оваа држава и да го признаат Косово“, рече Пак.
Американскиот амбасадор во Приштина, Кристофер Дел, додаде дека „Косово и неговите граѓани можат да бидат многу горди денес. Косовските гласачи, неговите политичари и властите задолжени за организирање и водење на изборите му покажаа на светот дека независно Косово е место каде што демократијата може и навистина цвета“.
Дел, исто така, им честиташе на одлуката на многу косовски Срби за учество на изборите, и покрај повиците од Белград за бојкот на изборите. „Со право забележавте дека изборите ви дадоа единствена можност да ја обликувате својата иднина и иднината на вашите заедници“, рече тој.
Делумните резултати, објавени од косовската Централна изборна комисија во понеделникот вечер, покажаа дека Демократската партија на Косово (ПДК) е победник во поголем дел од општините, по што следи Демократската лига на Косово (ЛДК). Повеќето општини ќе одат во втор круг на гласање на 13-ти декември.
Меѓународната набљудувачка мисија, ЕНЕМО, предводена од Дарко Алексов, го објави својот прелиминарен извештај во понеделникот, во кој се вели дека процесот на гласање е позитивно оценет во 93 отсто од избирачките места во земјата.
Сепак, мисијата истакна одреден број недостатоци, како што е недостатокот на тајност на гласањето и перципираниот недостаток на информираност во врска со новите техники на гласање.
„Загрижувачки е, исто така, и тоа што ниту еден од случаите на кривични прекршоци од изборите во 2007 година што Комисијата за изборни приговори и жалби, ЕЦАЦ, ги достави до надлежните судови, не е претресен“, вели мисијата, истакнувајќи дека косовските власти не обезбедиле финансиски средства за ЕЦАЦ навремено.
„Дури по интервенцијата и поддршката од меѓународните организации, ЕЦАЦ успеа да биде оперативен во текот на последните недели пред денот на изборите“, информираше ЕНЕМО.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's