16/11/2009
Изборите во неделата беа историски, но истовремено и поминаа во сенката на слабиот одѕив.
(Дневник, Стандард, новинска агенција Фокус, Новините -- 15/11/09 - 16/11/09; AФП, ДПА, Софија ечо, Медиапул - 15/11/09)
![]() Кандидатката на партијата ГЕРБ Јорданка Фандукова, излегува од гласањето во Софија во неделата (15-ти ноември). |
Бугарската министерка за образование Јорданка Фандукова во неделата (15-ти ноември) постигна убедлива победа на дополнителните локални избори во Софија, станувајќи прва жена што ќе управува со градот во неговата 130-годишна историја како главен град.
Фандукова (47), беше кандидатка на владејачката централно-десничарска партија Европски развој на Бугарија (ГЕРБ), и беше поддржана од десничарската Сина коалиција и националистичката партија Атака. Таа освои 66 отсто од гласовите, наследувајќи го Бојко Борисов, кој го напушти местото за да стане премиер на 27-ми јули.
Другиот главен фаворит, Георги Кадиев, од најголемата опозициска партија, Бугарската социјалистичка партија (БСП), заостана на второто место со 28 отсто од гласовите. Павел Попов, кандидат на конзервативната партија Ред, право и правда (ОЛЈ), беше трет, со помалку од 3 отсто од гласовите, додека другите 15 кандидати добија помалку од 1 отсто од гласовите.
Изборите поминаа со рекордно мал одѕив; само 23,17 отсто од сите регистрирани гласачи во Софија излегоа на гласање во неделата.
Некои анализи ги посочија апатијата, неинтересната предизборна кампања и изборната измореност, како главни причини за ова. Бугарите ги избраа своите претставници во Европскиот парламент во јуни и, исто така, требаше да излезат на гласање повторно по еден месец, за да ги изберат членовите на својот парламент.
Други го припишуваат слабиот одѕив на фактот што Фандукова се сметаше за јасен победник во моментот кога беше номинирана за местото, со оглед на тоа што ГЕРБ и понатаму ужива голема поддршка во јавноста. Покрај ова, таа само ќе го комплетира четиригодишниот мандат што Борисов го освои во октомври 2008 година.
Психологот Иван Игов за софиската новинска агенција Фокус изјави дека оние што гласаа за министерката за образование во неделата „гласаа прагматично“, сакајќи да загарантираат дека новиот градоначалник ќе може да ги исполни ветувањата дадени за време на кампањата.
„Луѓето кои гласаа се оние жители на Софија кои веруваат дека ова е почеток на една заедничка работа -- меѓу државата, општините и граѓаните“, агенцијата ја цитираше изјавата на Игов во врска со ветувањето на Фандукова за дијалог меѓу државните и општинските власти.
Поранешна професорка по руски јазик и директорка на училиште, Фандукова беше една од најблиските соработници на Борисов од крајот на 2005 година, кога тој ја избра за своја заменичка задолжена за образованието, младите, културата и науката, по победата на предвремените локални избори во Софија, како независен кандидат.
На прес-конференцијата во неделата вечер Фандукова рече дека е свесна за предизвиците со кои ќе се соочи на својата нова позиција, но рече нема да се двоуми да го побара премиерот, кога ќе ѝ треба поддршка од владата.
„Ќе побараме пари од државата за конкретни проекти, нема да бараме општи финансиски средства, туку ќе се концентрираме на овие проекти“, рече Фандукова. „Мислам дека Софија ќе ги добие сите пари што ќе ги побара.“
Нејзини први задачи ќе бидат преглед на буџетот на Софија и подготовки за зимската сезона, ја објави весникот Дневник нејзината изјава за новинарите пред прес-конференцијата.
Сообраќајниот метеж и недостатокот на паркинг-простор во главниот град се само дел од проблемите со кои ќе се соочи Фандукова.
И покрај поразот, Кадиев рече дека е задоволен од исходот на изборите.
„Сакав да го покажам карактерот на БСП и успеав во тоа“, рече тој во неделата вечер.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's