13/11/2009
Исплашеноста на населението расте заедно со бројот на случаите на Х1Н1.
Од Наташа Радиќ за Southeast European Times во Загреб -- 13/11/09
![]() Балканските земји преземаат мерки на заштита, за да ја ограничат изложеноста. [Габриел Петреску/SETimes] |
Со зголемувањето на бројот на случаите во регионот, властите во Југоисточна Европа преземаат чекори за ставање под контрола на ширењето на свинскиот грип. Мерките вклучуваат вакцинација и затворање на јавните институции со цел да се намали изложеноста.
Бугарија, на пример, нареди прекин на наставата во сите училишта најмалку до 16-ти ноември. Сите болнички посети и редовни лекарски прегледи за бремените жени и бебињата се укинати, а помалите хируршки интервенции се одложени до понатамошно известување.
Исто така, и српскиот министер за образование им даде на учениците дополнителна слободна недела од нивниот есенски одмор, а посетите на пациентите во болниците се скратени.
Вакцинациите се еден одговор. Турција вели дека веќе започна кампања на вакцинирање, почнувајќи со здравствените работници и аџиите. Децата ќе можат да добијат вакцина во локалните клиники.
Но, напорите на другите места се одвиваат бавно на терен. Србија ја чека својата пратка вакцини, кои ги обезбедува швајцарското фармацевтско претпријатие Новартис. Земјата треба да добие доволно за три милиони дози до средината на март.
Некои земји, како што е Албанија, сé уште не поднесле барање за вакцина. Според албанските власти, земјата има 10.000 дози „тамифлу“, како резерва во случај на зголемување на бројот на заболените од грипот.
Но, во некои земји тешко е да се најде дури и „тамифлу“. „Ние едноставно го немаме“, изјави фармацевт во црногорскиот главен град Подгорица за весникот Вијести.
Во меѓувреме, бројот на смртните случаи од грипот расте. Иако повеќето пациенти кои се заразени со вирусот Х1Н1 заздравуваат за неколку дена, истиот може да биде фатален за некои, особено постарите и помалите деца. Меѓу опасностите спаѓаат можни респираторни проблеми, пневмонија и тешка дехидрираност.
Почнувајќи од оваа недела, Србија има 258 потврдени случаи, од кои седум смртни случаи, иако лекарите велат дека точниот број на заразени е прогресивно повисок. Во Хрватска, повеќе од 2.000 луѓе се заразени од Х1Н1, вклучително и синот на министерот за здравство, Дарко Милиновиќ, а три лица починаа. Најголем број смртни случаи има во Турција, каде што компликациите поврзани со грипот одзедоа 40 човечки животи.
Во Романија, повеќе од 1.100 случаи од вирусот се потврдени, при што североисточниот град Иасу е најтешко погоден досега. Владата побара од Институтот Кантакузино, кој е специјализиран за производство на вакцините, двојно да го зголеми бројот на расположливи дози од 5 на 10 милиони.
Романец кој живеел во близина на Салзбург, Австрија, почина од срцев удар во вторникот, откако се заразил од Х1Н1, и тоа е првиот романски смртен случај поврзан со болеста. Во Бугарија властите објавија 12 смртни случаи од свинскиот грип досега. Според главниот епидемиолог, д-р Ангел Канчев, досега се потврдени 634 случаи, а други 1.673 лица се тестираат.
Но, точната бројка на заболени од свинскиот грип е многу повисока, велат лекарите. Од околу 175.000 Бугари кои имаат некои симптоми на грипот, големо мнозинство -- околу 90 отсто -- најверојатно се заразени со Х1Н1. На 6-ти ноември земјата прогласи национална епидемија.
Новинарите на SETimes, Игор Јовановиќ (Белград), Харис Цанис (Атина), Пол Чикои (Букурешт), Светла Димитрова (Софија), Есра Ердуран (Истанбул), Мањола Хала (Тирана) и Марина Рогановиќ (Подгорица) дадоа своја придонес во овој натпис.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's