05/11/2009
Договор за пограничниот спор меѓу Хрватска и Словенија беше потпишан во средата од страна на премиерите на двете држави.
Од Наташа Радиќ за Southeast European Times во Загреб – 05/11/09
![]() Шведскиот премиер Фредрик Рајнфилд (десно) и неговата хрватска колешка Јадранка Косор се поздравуваат пред потпишувањето во средата (4-ти ноември) во Стокхолм. [Getty Images] |
Во потегот поздравен од меѓународната заедница, хрватската премиерка Јадранка Косор и нејзиниот словенечки колега Борут Пахор во средата (4-ти ноември) во Стокхолм потпишаа договор кој се очекува да стави крај на пограничниот спор меѓу двете земји. Одлуката беше поздравена од ЕУ, Европската комисија и Соединетите Држави.
Според договорот, прашањето, кое претставуваше камен на сопнување во билатералните односи на Загреб и Љубљана од независната на двете земји во 1991 година, ќе оди на меѓународна арбитража -- и одлуката ќе биде обврзувачка.
Спорот се интензивираше минатата година, кога Словенија го искористи својот статус на членка на ЕУ за да ги блокира разговорите на Хрватска со ЕУ. Сега Хрватска се надева дека ќе ги заврши преговорите до крајот на следната година, и ќе пристапи во ЕУ во 2011 година.
„Денес свртивме нова страница, отворивме целосно нова книга“, рече Косор. „Сега се надевам дека ќе добиеме поддршка и од нашите парламенти и дека денешниот договор може да им даде нова надеж на нашите соседи во Југоисточна Европа.“
Пахор рече дека взаемната доверба и почитување помеѓу него и Косор го отворија патот за потпишувањето. Шведскиот премиер Фридрих Рајнфилд, исто така, го потпиша договорот, бидејќи неговата земја претседава со ЕУ.
Хрватскиот парламент го одобри договорот во понеделникот, подвлекувајќи дека договорот не го прејудицира исходот на меѓународната арбитража.
Клучно за суверените држави е да знаат точно каде се наоѓа нивната граница, рече Пахор. „Тоа не беше возможно во изминативе 18 години, но сега ние сме на патот кон успехот.“
„Во ситуација сме кога или политиката и двете земји ќе видат заеднички интерес кој ќе не води до стабилност, или ќе се фокусираат и ќе наоѓаат само разлики во ставовите на двете земји. Тоа ќе не води во конфликт и нестабилна ситуација“, рече Пахор.
Засега се чини дека патот е оној на стабилноста. Сепак, јавноста на двете страни од границата стравува дека ова не е ситуација во која има двајца победници: на пример, 87 отсто од Словенците стравуваат дека договорот ги фаворизира хрватските интереси.
Комесарот за проширување на ЕУ Оли Рен им честиташе на сите партии за постигнувањето „историски договор“. „Ова е најевропски начин на мирно решавање на споровите“, рече Рен. „Ги охрабрувам двете земји да продолжат со ратификацијата без непотребно одложување и се надевам дека Хрватска ја поминува последната милја во преговорите со [EУ], кои се близу до финалната фаза.“
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's