04/11/2009
Судиите на ОН во вторникот објавија дека ќе донесат одлука за иднината на судењето за воени злосторства против Радован Караџиќ, подоцна оваа недела.
(Ројтерс, АФП, АП, ДПА, ББС, СНН, ФТ, The Christian Science Monitor, ВОА, Бета, Б92 - 03/11/09; AП, АФП, ДПА, ВОА, ФТ, ББС - 02/11/09)
![]() На телевизорот во кафуле во Сараево во вторникот (3-ти ноември) се гледа судењето на водачот на босанските Срби од времето на војната Радован Караџиќ. [Getty Images] |
Осум дена по отпочнувањето на неговото судење за воени злосторства во Хаг, поранешниот водач на босанските Срби Радован Караџиќ се појави во судот за првпат во вторникот (3-ти ноември), за да побара уште десет месеци за подготовка на својата одбрана.
„Не сакам да ги бојкотирам овие рочишта, но не можам да учествувам во нешто што беше лошо од самиот почеток, или нешто во кое беа прекршени моите основни права“, рече тој пред судиите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ). „Ситуацијата е таква што јас навистина би бил криминалец ако ги прифатам овие услови -- да влезам во судење и рочишта за кои не сум подготвен.“
Караџиќ, кој е обвинет по 11 точки за воени злосторства, вклучително и две за геноцид, за неговата улога во конфликтот во Босна и Херцеговина (БиХ) во периодот 1992-1995 година, вели дека му треба повеќе време за да прегледа „1,3 милиони страници“ од документацијата на обвинителството што го добил од мај.
Пет дена пред почетокот на неговото судење на 26-ти октомври, Караџиќ, кој самиот се застапува, испрати писмо до судијата кој претседава со процесот, О-Гон Квон, велејќи дека нема да учествува во процесот, бидејќи не е подготвен да почне. Бидејќи не се појави на првите три рочишта од судењето, судиите во вторникот свикаа „конференција за статусот“, на која разговараа како ќе продолжат со судењето во случај да продолжи бојкотот на Караџиќ.
Квон го советуваше Караџиќ да ја преиспита својата стратегија.
„Судската комисија, а не обвинетото лице, ја одредува подготвеноста за судењето“, рече Квон на рочиштето во вторникот. „Во ваш интерес е да присуствувате и целосно учествувате во судењето, за да може да биде задоволена правдата.“
Обвинителот на ОН Хилдегард Уерц-Рецлаф на судот му рече дека една опција за решавање на актуелниот ќор-сокак е да му се одземе правото на Караџиќ самиот да се застапува. Друго можно решение е да се назначи стенд-бај адвокат, кој ќе се вклучи ако обвинетиот се согласи да учествува, но подоцна продолжи со бојкотот. Судот може, исто така, да одреди советник на одбраната, што би го одложило судењето за неколку месеци, но би било „разумна цена“, рече Уерц-Рецлаф.
„На г-динот Караџиќ не смее да му се дозволи да манипулира со судењето, преку неговата одлука за неучество“, рече Уерц-Рецлаф. „Ако биде потребно, ќе се употреби сила за да се обезбеди неговото присуство во судницата.“
Квон рече дека подоцна оваа година ќе биде објавена писмена одлука за тоа како да се продолжи. Тој го откажа рочиштето за сослушување на сведокот на обвинителството, закажано за среда.
Завршувајќи го својот воведен збор во понеделникот, обвинителите на ОН рекоа дека Караџиќ е одговорен за геноцидот во Сребреница во јули 1995 година, во кој беа убиени повеќе од 7.000 муслимански мажи и момчиња.
„Радован Караџиќ ја нареди операцијата против Сребреница, која беше кулминација на неговите напори за етничко чистење на Босна со цел да се оствари српската држава што тој ја предвидувал“, рече обвинителот Алан Тајгер. „Тој ги прикри масовните протерувања и убиствата и продолжува да го прави тоа до ден денешен, и единствено за што жали од операцијата е тоа што некои муслимански мажи избегаа.“
Обвиненијата за геноцид против Караџиќ се однесуваат и на 43-месечната опсада на Сараево, во која загинаа околу 10.000 луѓе.
Тој, ако биде осуден, се соочува со доживотна затворска казна.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's