28/10/2009
И покрај различните ставови во врска со Косово, двете земји развија стратешко партнерство.
Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград -- 28/10/09
![]() Турскиот претседател Абдула Ѓул (лево) и српскиот претседател Борис Тадиќ во Белград. [AФП] |
Турскиот претседател Абдула Ѓул во вторникот (27-ми октомври) ја заврши дводневната посета на Србија, за време на која беа потпишани неколку економски договори. Ѓул истакна дека турските претпријатија се заинтересирани за инвестирање во Србија, особено во инфраструктурата, со оглед на идеалната локација на Србија на Балканот.
Билатералните врски се силни, го увери тој српскиот колега Борис Тадиќ. „Иако ние [Србија и Турција] не делиме заедничка граница, живееме како добри соседи“, рече Ѓул.
Таа врска има пошироки импликации, истакна тој. „Сé додека односите меѓу Србија и Турција се вака добри, никој не треба да се плаши за мирот во регионот“, рече Ѓул.
Tадиќ додаде дека двете земји делат стратешки цели. „Силно се поддржуваме меѓу себе во тој процес на европска интеграција и соработуваме во рамките на програмата Партнерство за мир. Веруваме дека Турција е еден од најважните глобални фактори“, рече Тадиќ.
Потврдувајќи дека Србија никогаш нема да ја прифати независноста на Косово, Тадиќ истакна дека дипломатските односи на Анкара со Приштина не смеат да влијаат на турско-српските односи.
Турската делегација во Србија вклучуваше голем број претставници на бизнис заедницата и експерти за патна инфраструктура, како и експерти за трансформирање на воените аеродроми во цивилни. Турската и српската делегација потпишаа договори за економска, инфраструктурна, техничка, социјална и финансиска соработка.
Претходно, двете земји потпишаа договор за слободна трговија, кој ќе влезе во сила до крајот на оваа година.
Делегацијата, која ја сочинуваа претежно муслимански Турци, го посети и југозападниот регион Санџак, каде што живеат најголем број Бошњаци во Србија. Делегацијата ја пренесе подготвеноста на Турција да инвестира во изградбата автопат кој ќе поминува преку Санџак. Градоначалникот на Нови Пазар Мехо Махмутовиќ објави дека турски претпријатија ќе инвестираат во инфраструктурата на градот, која е моментно во лоша состојба.
За време на посетата на Ѓул, српското Министерство за економија и турското претпријатие Турк потпишаа договор за инвестирање во претпријатието, во јужниот српски спа-центар Бујановачка бања.
Белград им беше домаќин на важни странски претставници -- американскиот заменик-претседател Џо Биден ја посети земјата во мај, а рускиот претседател Дмитри Медведев го посети главниот град претходно овој месец.
Српските претставници беа во Кина во август -- посета која резултираше со потпишување договор за стратешка соработка.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's