27/10/2009
Иво Пуканиќ и еден колега од неговиот весник беа убиени со автомобил-бомба, речиси пред точно една година.
(AФП, АП, Ројтерс, ДПА, Новините, Б92 - 26/10/09; Б92, Блиц - 23/10/09)
![]() Хрватскиот новинар и издавач Иво Пуканиќ, беше убиен минатата година. [Getty Images]. |
Обвинителите во Србија и Хрватска во понеделникот (26-ти октомври) подигнаа обвинение против осум осомничени лица, во врска со минатогодишниот атентат во мафијашки стил, врз познат хрватски издавач и новинар.
Иво Пуканиќ, косопственик и главен уреденик на хрватскиот политички неделник Национал беше убиен со автомобил-бомба во центарот на Загреб, на 23-ти октокмври 2008 година, заедно со маркетинг-директорот на весникот Нико Фрањиќ.
Српскиот специјален обвинител Миљко Радисављевиќ рече дека српскиот мафијашки „бос“ Сретен Јоциќ, познат како Јоца Амстердам, и двајца негови помошници -- Жељко Миловановиќ и Миленко Кузмановиќ -- се обвинети за убиството.
Доказите до кои е дојдено за време на седуммесечната истрага за случајот потврдија дека тројцата „работеле во рамките на меѓународна група на организиран криминал, која ја сочинувале српски, хрватски и босански државјани, а кои го организирале и извршиле криминалот за кој станува збор“, се вели во соопштението на неговата канцеларија.
Јоциќ, балкански „бос“ на дрогата, кој беше уапсен во Белград на 27-ми април, е обвинет дека го наредил и организирал убиството. Во времето на неговото апсење, богатиот белградски бизнисмен веќе беше обвинет за убиствата на двајца други мажи. Тој беше ставен во куќен притвор во 2006 година и живееше во вила во луксузното белградско предградие Дедиње, која ја изнајмил од вдовицата на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ, Мирјана Марковиќ.
Јоциќ, наводно, платил „најмалку 1,5 милиони евра" за убиството на Пуканиќ.
Српските обвинители веруваат дека осомничените ја поставиле бомбата која го уби Пуканиќ (47), на скутер паркиран во близина на автомобилот „лексус седан“ на новинарот. Миловановиќ, познат како Гавра, е осомничен дека ја детонирал направата. Експлозијата, во која Пуканиќ и Фрањиќ загинаа, а двајца случајни минувачи беа повредени, исто така предизвика значителна материјална штета.
Миловановиќ, кој беше уапсен во Белград на крајот од мај поради сомневање за вмешаност во случајот, е поранешен припадник на озлогласената српска специјална полициска единица, позната како Црвени баретки. Единицата, која се бореше на Балканот во раните 1990-ти, беше растурена набргу по атентатот во март 2003 година на првиот српски реформистички премиер Зоран Ѓинѓиќ -- едно од бројните кривични дела со кои истата се поврзува.
Миловановиќ беше, исто така, меѓу обвинетите за убиството на Пуканиќ во обвинението што го издаде Хрватската канцеларија за спречување на корупцијата и организираниот криминал во понеделникот.
Четворица од нив -- Амир Мафалани, Слободан Ѓуровиќ и роднините Роберт и Лука Матаниќ -- беа уапсени набргу по убиството, додека петтиот -- Бојан Гудуриќ -- и понатаму е во бегство.
„Убиството беше организирано за да го спречи Пуканиќ да им ги открие на печатените и електронските медиуми во Хрватска и соседните земји новинарските сознанија во врска со акциите на неколку криминални групи во регионот и нивните взаемни врски“, АФП ја цитираше канцеларијата на хрватскиот државен обвинител.
Бомбашкиот напад на Пуканиќ уследи помалку од три недели по убиството на Ивана Ходак, 26-годишната ќерка на познат адвокат, во близина на полициска станица во центарот на Загреб.
Радисављевиќ рече дека целта на истовременото издавање на обвиненијата била не само да се покаже интензивираната соработка помеѓу хрватските и српските обвинители, туку и да се покаже нивната решеност за судење на најсериозните кривични дела.
Според извештаите на српските медиуми минатата недела, групата за која се верува дека е поврзана со Јоциќ, планирала да ја убие српската министерка за правда Снежана Маловиќ, поради нејзиното инсистирање да се усвои закон за конфискување на имотот стекнат со криминални активности.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's