17/08/2009
Пештерата, која се наоѓа во Македонија, е 14-та најдлабока пештера испитана досега.
Од Зоран Николовски за Southeast European Times во Скопје – 17/08/09
![]() Пештерата Врело е фасцинантна. [Дарко Андоновски/SETimes] |
Нуркајќи на околу 192 метри длабочина во огромната подводна пештера Врело, меѓународен тим нуркачи и спелеолози неодамна го испита овој подводен терен.
Тимот од 13 луѓе, кој го сочинуваа италијански, белгиски и македонски нуркачи, верува дека пештерата е всушност подлабока од регистрираното, но мораше да ја одложи својата десетдневна мисија поради заматената вода, како резултат на поројните дождови.
„Сите пештери се различни, сите имаат своја сопствена морфологија, но Врело е величенствена пештера, една од најубавите, ако не и најубава, на Балканот“, рече италијанскиот пештерски нуркач Луиџи Касати.
„Се враќам следната година, за да продолжиме со испитувањето.“
Влезот на Врело е на околу 1,5 километри од браната Матка, на реката Треска, и формира кањонско езеро кое покрива површина од околу 5.000 хектари. Исто така, има и копнен дел над влезот од пештерата, наречен Сува, кој има сталактити и сталагмити.
Пештерата беше номинирана на овогодинешниот натпревар Седум светски чуда и успеа да влезе во полуфиналето.
Во 2007 година пештерата се најде на 77-мото место, откако беше испитана од нуркачот Марк Вандермелен, на листата на најдлабоки подводни пештери. Вандермелен беше, исто така, дел од овогодинешниот нуркачки тим.
Врело е рангирана на 14-тото место на листата на најдлабоки пештери испитани од луѓе, а некои шпекулираат дека е можеби и подлабока.
Најдлабока испитана подводна пештера досега е Бушманската дупка во Јужна Африка.
Македонското Министерство за економија й даде на експедицијата околу 1.300 евра, а министерот за економија, Фатмир Бесими, го посети истражувачите, ветувајќи им дополнителни средства за промовирање, испитување и заштита на пештерата.
Во изработка е документарен филм за убавините на Врело, кањонот Матка и снимката од овогодинешното истражување, кој ќе биде монтиран во Италија.
Пештерата се наоѓа во кањонот Матка, во близина на Скопје, кој се карактеризира со 1.000 растителни видови, од кои 20 отсто се ендемични, како и различните видови пеперутки, кои не можат да се најдат на друго место во Европа. Кањонот е, исто така, дом на некои грабливци, а понекогаш и на гологлавите северноамерикански орли, кои се заштитени со закон за да се спасат од истребување.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's