03/08/2009
Новиот предлог-закон за јавното информирање предизвика расправија во владата, поради што опозициската Српска напредна партија повика на предвремени избори.
Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград -- 03/08/09
![]() „Прекумерните парични казни може да го обесхрабрат истражувачкото новинарство и да доведат до авто-цензура, како и затворање на некои медиумски претпријатија“, вели СЕЕМО. [Getty Images] |
Предложениот Закон за јавното информирање предизвика сериозна поделеност во владејачката коалиција, бидејќи Социјалистичката партија на Србија (СПС), третиот најсилен член на коалицијата, вели дека нема да го поддржи.
Најголемите членови на владејачката коалиција -- Демократската партија (ДС) и Г17 Плус -- веруваат дека предлог-законот треба да биде усвоен заради воведување ред во српските медиуми.
Водачот на Г17 Плус, вицепремиерот Млаѓан Динкиќ, е честопати цел на локалните таблоиди.
Сепак, новинарските здруженија низ земјата се кренаа против предлог-законот, тврдејќи дека истиот не е во согласност со европските стандарди и дека, ако биде усвоен, властите ќе вршат притисок врз новинарите.
Медиумската организација Југоисточна Европа (СЕЕМО) во изјава објави дека одредени нивоа на медиумска регулатива се неопходни, но дека „прекумерните парични казни може да го обесхрабрат истражувачкото новинарство и да доведат до авто-цензура, како и затворање на некои медиумски претпријатија“.
Предлог-законот требаше да биде ставен пред парламентот на 31-ви јули, но датумот беше потиснат кога стана јасно дека СПС жестоко се противи на истиот.
Г17 Плус го обвини водачот на СПС и вицепремиер Ивица Дачиќ дека предизвикува владина криза.
„Владата може да биде соборена само од водачот на Социјалистичката партија, Ивица Дачиќ, со неговото нечесно и лицемерно однесување. Поткопувајќи го усвојувањето на владиниот предлог-закон и одложувајќи го усвојувањето на некои други, подеднакво важни закони, Дачиќ предизвика потенцијална криза во владејачката коалиција“, се вели во соопштението за печатот на Г17 Плус.
Во наводен обид да влијае на Социјалистичката партија, ДС организираше состанок со Либералдемократската партија (ЛДП), која има ист број пратеници во парламентот како и СПС и може да ја замени во владејачката коалиција.
На состанокот, ДС, Г17 Плус и ЛДП се согласија да се договорат со новинарските здруженија и европските институции до крајот на овој месец.
„Предлог-законот за информирањето не може да ја загрози српската влада и долготрајното партнерство на Социјалистичката партија на Србија и Демократската партија“, рече заменик-претседателот на СПС, Жарко Обрадовиќ.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's