21/07/2009
Двајца поранешни високи турски генерали и 54 други лица обвинети во врска со наводниот заговор за државен удар беа судени во понеделникот, додека обвинителите што ја испитуваат сомнителната група Ергенекон поднесоа уште едно обвинение, наведувајќи 52 нови осомничени.
(Заман, Тајмс, Индипендант - 21/07/09; Ројтерс, АП, АФП, ДПА, Блумберг, ББС, Еуроњус, Дојче Веле - 20/07/09; ФT - 19/07/09)
![]() Турските војници маршираат пред судската зграда во Силиври, во близина на Истанбул, во понеделникот (20-ти јули), на почетокот од второто судење за Ергенекон. [Getty Images] |
Судскиот процес против 56 Турци обвинети за вмешаност во наводен заговор за соборување на владата на Партијата на правдата и развојот (АКП) започна во Истанбулскиот кривичен суд во понеделникот (20-ти јули).
Обвинителите ги товарат пензионираните генерали Мехмет Сенер Ерјугур и Хурсит Толон, највисоки воени претставници обвинети во случајот, дека се водачи на групата. Истата, наводно, планирала серија бомбашки напади и атентати врз високи јавни фигури со цел поттикнување хаос во земјата и преземање на власта од страна на армијата.
АФП го цитираше обвинението на повеќе од 1900 страници, според кое Ерјугур, поранешен командант на Жандармеријата, и Толон, поранешен армиски водач, „почнале со спроведување на плановите за државен удар што ги подготвиле во периодот 2003-2004 година додека биле на функција и ги продолжиле откако се пензионирале“.
Двајцата генерали, во нивните доцни 60-ти години, беа уапсени пред една година.
Ерјугур се опишува како шеф на секуларистичкото здружение Мислата на Ататурк и еден од клучните организатори на масовните протести против АКП пред изборите во јули 2007 година. Тој беше ослободен од притвор околу десет недели по неговото притворање поради лошата здравствена состојба. Не присуствуваше на рочиштето во понеделникот, кое се фокусираше главно на процедурални прашања, пред судскиот процес да се одложи за 6-ти август.
Пред апсењето, Толон, наводно, честопати бил забележуван на форуми организирани од ултранационалистите. Тој беше ослободен од притвор во февруари, исто така поради здравствени проблеми, но се појави во новата специјално направена судница во затворскиот комплекс Силиври, околу 90 километри западно од Истанбул во понеделникот, и одговараше на прашањата на четиричлената судска комисија.
Освен тоа што беа обвинети за формирање и водење терористичка организација, двајцата, исто така, се соочуваа со редица други обвиненија, вклучително и обиди за уништување на владата и парламентот, или блокирање на нивната работа, како и провоцирање вооружен бунт против владата.
Групата се поврзува со неколку познати напади, како што е оној на централата на весникот Чумхуријет и Советот на државата, и е осомничена за организирање заговори за убиство на премиерот Реџеп Тајип Ердоган и турскиот писател Орхан Памук, добитникот на Нобеловата награда за литература во 2006 година.
Од другите познати личности меѓу 56-темина наведени во второто обвинение за Ергенекон се и Адил Сердар Сачан, поранешен шеф на одделот против шверц и организиран криминал, поранешниот градоначалник на Есенјурт Гурбуз Капан, пензионираните генерали Ариф Доган и Хасан Атила Угур, како и новинарите-уредници Тунчај Озкан и Мустафа Балбај.
Судењето се очекува да трае со месеци. Според АП, судиите можеби ќе одлучат да го спојат второто обвинение со првото, во кое се наведени други 86 лица како наводни членови на Ергенекон. Судењето против групата започна во октомври.
Во меѓувреме, обвинителите што ја водат истрагата за тајната мрежа, во вторникот поднесоа трето обвинение. Документот на 1.454 страници содржи обвиненија против 52 нови осомничени, од кои 37 се веќе уапсени. Датумот на почеток на судењето се очекува да биде објавен откако обвинението ќе биде одобрено од судот.
Истрагата за таинствената група започна во јуни 2007 година, откако полицијата откри скриено оружје во дом на пензиониран воен офицер во Истанбул.
Турската моќна и целосно секуларна војска, која се сомнева во АКП, партија со исламски корени, откако дојде на власт во 2003 година, негира каква било поврзаност со Ергенекон и соработува во истрагата.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's