01/07/2009
ПИК изрази загриженост во врска со, како што смета, обидите за враќање на реформите назад и ослабнување на институциите на државно ниво.
Од Антонио Прленда за Southeast European Times во Сараево -- 01/07/09
![]() Управниот одбор на ПИК се состана во понеделникот (29-ти јуни) и вторникот. [OХР] |
Политичките директори на Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот (ПИК) на Босна и Херцеговина (БиХ) се состанаа во понеделникот (29-ти јуни) и вторникот во Сараево, и изразија загриженост во врска со недостатокот на напредок откако се состанаа последен пат во март.
ПИК истакна дека БиХ мора да ги исполни петте цели -- Одржливо решение за прашањето на поделбата на имотот помеѓу државата и другите нивоа на власта; Одржливо решение за имотот на одбраната; Завршување на конечното доделување на Брчко; Фискална одржливост и Утврдување на владеењето на правото -- и два други услови пред трансформацијата на Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) во канцеларија на високиот претставник на ЕУ (ЕУСР).
„Додека ова не заврши, ОХР ќе остане и ќе продолжи да го извршува својот мандат“, рече високиот претставник во БиХ, Валентин Инзко, по состанокот.
Во соопштението по состанокот, ПИК изрази загриженост во врска со неодамнешниот заклучок на Националното собрание на Република Српска (РС).
„Изјавите и дејствата што го доведуваат во прашање суверенитетот и уставниот поредок на БиХ, како и обидите за враќање назад на претходно договорените реформи и заслабнување на постојните државни институции ... се неприфатливи и мора да прекинат. Ваквите дејства ќе бидат земени предвид кога ќе се проценува вториот услов за транзицијата ОХР-ЕУСР, а тоа е позитивна оценка за ситуацијата во БиХ“, се вели во комуникето.
Руската делегација не им се придружи на останатите во ПИК во врска со ова прашање и не се согласи со овој став.
ПИК го поздрави формирањето пописна работна група за државниот имот и напорите на Министерството за одбрана на БиХ за формирање комисија за уништување на оружјето, но истакна дека ниту една од нив не постигнала никаков конкретен напредок.
Во врска со областа Брчко, ПИК рече дека институциите во областа сега функционираат, како што се чини, трајно. Сепак, ентитетите -- Федерацијата на БиХ и Република Српска -- не ги исполнија своите обврски за решавање на прашањето на взаемните долгови, дозволувањето промена на припадноста на ентитетот за жителите на Брчко или регулирањето на дотурот на струја. ПИК ги повика ентитетите и државата да ги решат овие прашања пред септември.
Одборот го поздрави неодамнешното усвојување четири закони за визна либерализација и го повика Инзко да посредува во организирањето состанок на релевантните партиски водачи за отпочнување поширок процес на дијалог со цел забрзување на понатамошните реформи.
„Иако уставните реформи не се дел од целите и условите за затворање на ОХР, истите остануваат главен приоритет за БиХ да стане пофункционална држава“, рече Инзко. „БиХ е меѓународно признаена суверена држава, чиј територијален интегритет е загарантиран со Дејтонскиот договор. Секое оспорување на основните карактеристики на Дејтонскиот договор ќе се смета за неприфатливо, вклучително и унилатералните дејства со цел загрозување на уставниот поредок на БиХ.“
Претседателот на Советот на министри на БиХ, претседателот и заменик-претседателот на парламентарното собрание на БиХ и водачите на владејачките политички партии учествуваа во делови од состанокот на ПИК.
Политичките директори ќе се состанат повторно во ноември.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's