25/06/2009
Дел од Шенген зоната од 2000 година, Грција имаше можност да ги искуси предностите, но и предизвиците на животот без граници.
Од Христос Рингас за Southeast European Times во Атина -- 25/06/09
![]() На граѓаните на Албанија, Босна, Македонија, Црна Гора, Србија и Турција сé уште им требаат визи за да влезат во Грција. [Greece.gov] |
Додека ЕУ размислува да стави крај на визните ограничувања за државите од Западен Балкан кои ги исполнија критериумите, Грција зазема уникатна позиција во разговорите. Освен Словенија, таа е единствената балканска земја со полноправно членство во Шенген зоната -- статус кој значително ја зајакна нејзината регионална улога.
Владини претставници велат дека се посветени на процесот. „Грција ... е за либерализација на визниот режим, за да можат граѓаните на Западен Балкан да патуваат слободно во сите земји на Европа“, рече министерката за надворешни работи, Дора Бакојани, по состанокот во мај со својот српски колега, Вук Јеремиќ.
Сепак, јавноста има одреден скептицизам во однос на ползата од отворените граници, при што некои се загрижени дека тоа ќе придонесе за зголемување на бранот економска миграција. Во последниве години, Грција се најде во позиција да прими повеќе од два милиони странски работници. Иако тие станаа суштински дел на економијата, приливот истовремено го промени социјалниот и културниот состав на земјата.
Сеќавајќи се на времето на поголема хомогеност, Грците сé уште се обидуваат да се справат со ваквите промени. Покрај тоа, многумина ја обвинуваат миграцијата за зголемениот бран организиран криминал. Намалените погранични рестрикции, тврдат критичарите, може да ги искористат мрежите на шверц кои оперираат низ целиот Балкан.
Дури и додека ги разгледува можностите за отстранување на визната пречка, Грција сé уште ги задржува рестрикциите кои ја држат под контрола економската мобилност. Децата на легалните имигранти, на пример, не можат да бидат натурализирани, туку и понатаму се водат за странци.
Во исто време, властите преземаат чекори за да им го олеснат животот на посетителите. Во мај минатата година земјата ја укина визната такса за Србите, и објави дека ќе ја прошири оваа привилегија и за другите земји кои ги исполниле одредбите од Шенген аквисот.
Грција моментно бара визи од Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора, Србија и Турција. Бугарските, хрватските и романските граѓани може да влезат во земјата без виза.
За време на состанокот со Јеремиќ, Бакојани ја опиша Србија како „интегрален дел од европското семејство“. Грција, рече таа, е „подготвена да прими многу српски пријатели како туристи кои ќе дојдат да не посетат ова лето“.
Таа, исто така, ја даде својата поддршка за напорите на Албанија за исполнување на Шенген критериумите. „Ние го поддржуваме процесот на визна либерализација со Албанија како многу важен процес за зголемување на меѓучовечките контакти меѓу западнобалканските земји“, рече таа. Македонија, пак, чека да види дали неколкудеценискиот спор околу името со нејзиниот сосед ќе стане фактор. Европската комисија, неодамна, потврди дека Скопје ги исполни критериумите за безвизен режим.
Во минатото Атина посочуваше дека нејзиниот став за укинување на визниот режим ќе биде поврзан со спорот околу името. Во изјавата од 11-ти мај на А1 телевизија, грчката амбасадорка Александра Пападониу рече дека нејзината земја го поддржува вклучувањето на Македонија во Шенген „Белата листа“. Таа не спомена никакви посебни услови.
Според македонскиот вицепремиер Ивица Боцевски, Грција најверојатно нема да го блокира процесот, иако претходно го спречи влезот на Македонија во НАТО и се закани дека ќе стави вето на нејзиното пристапување во ЕУ.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's