18/03/2009
Долгоодложуваниот гасовод Набуко се чини дека се соочува со нови проблеми, бидејќи исчезна од листата на проекти што ќе се финансираат со планот на ЕУ за економски стимул.
(Warsaw Business Journal, Хуријет - 18/03/09; Eурактив, Еуопсервер, Dnevnik.bg, Meдиапул, HotNews.ro - 17/03/09; ДПA, Nine O'clock - 16/03/09)
![]() Претставниците на ЕУ потврдија дека гасоводот, кој се смета за водечки потфат на Унијата, исчезна од листата енергетски проекти што ќе бидат финансирани од планот. [Getty Images] |
Набуко -- гасовод долг 3.300 километри кој треба да го пренесува каспискиот гас за Европа преку Турција и Балканот со цел да ја ограничи зависноста на ЕУ од рускиот гас -- испадна од листата енергетски и широкомрежни проекти што ќе ги финансира стимулативниот план на ЕУ, објави бриселската Еурактив во вторникот (17-ти март).
Министрите за надворешни работи во понеделникот разговараа за планот вреден 5 милијарди евра, но не успеаја да постигнат договор во врска со листата енергетски и широкомрежни проекти. Водачите на ЕУ се очекува да одлучат за листата во четврток во Брисел.
Чешкиот вицепремиер за европски прашања, Александар Вондра, чија земја моментно претседава со ЕУ, во понеделникот изрази надеж дека членките на ЕУ ќе постигнат договор. Ако се случи тоа, Европскиот парламент може да го одобри стимулативниот план пред крајот на својот мандат. Ако не, кредибилитетот на сите ќе биде доведен во прашање, рече Вондра.
Европската комисија (ЕК) првично предложи да се обезбедат 250 милиони евра за поделба на ризикот и за гарантирање на банкарските заеми за Набуко. Таа сума подоцна се намали на 200 милиони евра.
Во најновата верзија на листата на проекти, се јавува еден поширок израз -- „Јужен коридор“ -- на местото на Набуко. Истата вклучува различки проекти во јужна Европа, вклучително и нов Поврзувачки нафтовод Турција-Грција-Италија (ИТГИ), помеѓу грчкиот јонски брег и Италија.
Романскиот министер за надворешни работи, Кристијан Диаконеску, предупреди дека неговата држава нема да гласа за стимулативниот пакет ако истиот го исклучува Набуко. Романската позиција ја има поддршката на Австрија, Полска и Словачка, рече тој.
Слично на тоа, полскиот министер за европски прашања, Миколај Довгелевиц, рече дека премиерот Доналд Туск, ќе се обиде да ги убеди водачите на ЕУ да го поддржат Набуко заради намалување на зависноста на блокот од дотурот на руски гас.
Договорот за гасоводот Набуко беше потпишан во 2002 година. Планерите го очекуваат завршувањето на неговата прва фаза во 2014 година. Откако ќе биде целосно функционален, Набуко ќе пренесува и до 31 милијарда кубни метри гас годишно за Европа преку Турција, Бугарија, Романија и Унгарија.
Набљудувачите очекуваат Азербејџан да стане првиот снабдувач на гас на проектот. Блискоисточните држави е можно да се приклучат како снабдувачи подоцна.
Германија, чиј РВЕ им се придружи на други пет енергетски претпријатија во конзорциумот Набуко -- ОМВ од Австрија, МОЛ од Унгарија, Булгаргас од Бугарија, Трансгас од Романија и Ботас од Турција -- е една од најсилните противници на обезбедувањето европски пари за проектот.
Германската канцеларка Ангела Меркел неодамна рече дека најголем проблем со кој се соочува Набуко не се финансиите, туку наоѓањето гас за да се напојува гасоводот.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's