24/02/2009
Вработените Македонци и работодавачите се побунија откако несмасно воведениот софтверски систем доведе до тоа многу работници во јануари да не добијат плата.
Од Марина Стојановски за Southeast European Times во Скопје -- 24/02/09
![]() Многу Македонци останаа без плата поради грешката. [Getty Images] |
Лутина и збунетост ја зафати Македонија овој месец, откако невешто воведениот софтвер на Управата за јавни приходи (УЈП) за систем „бруто плата“ остави илјадници луѓе без плата цел јануари. Меѓу нив беа и двајцата водечки претседателски кандидати.
Според Утрински весник, Ѓорѓи Иванов и Љубомир Фрчковски, кандидати на владејачката ВМРО-ДМПНЕ и опозициските социјалдемократи, не добиле плати за декември и јануари до почетокот на февруари. Двајцата предаваат право на Скопскиот универзитет.
Покрај секојдневните трошоци, Македонците плаќаат кредити и камати, а останаа со празни џебови. Локалните медиуми проценуваат дека околу 600.000 жители им должеа во просек 1.800 евра на банките во ноември 2008 година, за што ќе им бидат пресметани камати за задоцнети плаќања.
Ситуацијата делумно се расчисти во средината на февруари, иако сé уште беше далеку од идеална. Од 15-ти февруари УЈП објави дека од околу 60.000 регистрирани работодавачи во државата, 42.060 им ги исплатиле осигурувањата и платите на своите вработени.
Владата го воведе новиот систем во обид да ја подобри транспарентноста, верувајќи дека тоа ќе ги натера работодавачите да ги плаќаат нивните задолжителни придонеси на пензиското и здравственото осигурување на своите вработени, со оглед на тоа што оние кои не платиле придонеси и не исплатиле плати до 15-ти март овој месец ќе се соочат со парични казни во висина и до 2.000 евра, па дури и затворање на нивните претпријатија од страна на УЈП.
Поради хаотичното воведување на системот, владата не ги реализираше ваквите закани и определи релативно ниски казни за околу 5.000 претпријатија кои не ги поднесоа своите завршни пресметки до 15-ти февруари.
На сите страни се посочуваа виновниците. Министерството за финансии ги обвини работодавачите дека доцна ги поднесле своите јануарски пресметки на платите. Голем број претпријатија, исто така, не успеаја навреме да ја потврдат компатибилноста на својот пресметковен софтвер со оној на УЈП.
Од друга страна, лутите работодавачи тврдеа дека нефлексибилниот софтвер на УЈП блокирал цели платни списоци на претпријатијата дури и ако била испуштена информација за платата на еден вработен.
Во неуспешната интерпелација од 11-ти февруари во парламентот беше споменато и фијаското со платите како едно од оправдувањата за истата, а најголемиот синдикат во државата побара оставка од министерот за финансии, Трајко Славески.
Сепак, владата го брани воведувањето на оваа технологија. Вицепремиерот Зоран Ставрески рече дека системот „е исплатлив, одржлив е и транспарентен“, тврдејќи дека „скоро сите европски држави“ веќе го вовеле. Ставрески рече дека владата ќе ги решава пропустите во од.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's