26/12/2008
Според УНИЦЕФ, околу 70 отсто од децата во Србија страдаат од физичко или психичко насилство во домот, при што повеќето во оваа загрозена категорија се деца од сиромашните ромски семејства.
Од Бојана Миловановиќ за Southeast European Times во Белград -- 26/12/08
![]() Српските власти велат дека планираат чекори за промовирање на подобри родителски стратегии. [Никола Барбутов] |
По предупредувањето од српските социјални работници во врска со растечкото насилство врз децата во семејството, државните власти и невладините организации започнаа дебата за воведување казни за родителите кои ги тепаат своите деца.
Физичката казна во Србија е нелегална во училиштата, но не и во домовите.
Социјалните работници, чија работа е да реагираат на секоја пријава за насилство врз децата, посочуваат дека проблемот се зголеми во изминативе неколку години. Најчеста форма на злоупотреба е занемарување на основните потреби на децата, по што следат вербалните закани и најтешките физички злоупотреби.
Ромските семејства имаат висок степен на физичко казнување и висок ризик на злоупотреба. УНИЦЕФ објави дека 80 отсто од ромските родители ги казнуваат своите деца за кршење на правилата или физички или психички, при што бројката е повисока од онаа за српските деца, од 70 отсто. Повеќе од третина -- 35 отсто -- од ромските мајки ги тепаат своите деца.
Тепањето на децата е забрането со закон во 16 европски земји, Канада и Нов Зеланд. Кога стапува збор за поранешните југословенски републики, Хрватска, Словенија и Македонија го додадоа овој елемент на семејното право.
Група деца најпрво му предадоа копија на иницијативата за забрана за тепање на српскиот народен правобранител пред околу еден месец, по што започна широка дебата околу ова прашање.
Народниот правобранител Саша Јанковиќ вели дека воведувањето законски казни за родителите кои физички ги казнуваат своите деца претставува многу чувствителна тема, со оглед на тоа што скептиците ги толкуваат казните како „мешање во семејните односи“.
„Против злоупотребата на децата треба да се бориме не само со закони и регулативи, туку и со промена на свеста кај самите родители“, рече Јанковиќ.
Високиот претставник на Министерството за социјална политика Лилјана Лучиќ најави дека министерството ќе предложи амандмани на семејното право, со цел да се забрани физичката казна како воспитна мерка за децата.
„Треба да се промовираат позитивни родителски мерки, а тепањето како форма за дисциплина треба да се искорени“, рече Лучиќ.
Според неа, владата наскоро ќе усвои национална стратегија, со цел првенствено подобро следење на насилството врз децата, со цел прецизно да се определи степенот на проблемот. Државата, исто така, планира да промовира позитивни мерки за дисциплина, наместо физичкото казнување преку образовни кампањи на локално ниво.
Психологот Жарко Требјашанин истакнува дека физичкото казнување, како начин за дисциплинирање на децата, е длабоко вкоренето во српската традиција.
Тој додава дека со тепање на децата, како метод на дисциплина, се постигнуваат многу повеќе негативни отколку позитивни ефекти, бидејќи децата може да ја усвојат агресијата како модел на однесување.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's