12/12/2008
Претседателот Трајан Башеску во средата го номинираше поранешниот премиер Теодор Столојан да ја формира новата коалициска влада ПДЛ-ПСД.
Од Пол Чикои за Southeast European Times во Букурешт – 12/12/08
![]() Новоименуваниот романски премиер Теодор Столојан (лево) во средата (10-ти декември) одржа прес-конференција во палатата Котрочени. [Getty Images] |
Одлуката на претседателот да го номинира Теодор Столојан за претседател на новата влада во средата (10-ти декември), не беше големо изненадување. Политичарот-ветеран претходно беше романски премиер и, пред тоа, министер за финансии во турбулентните години по падот на режимот на Чаушеску.
Во време кога Романија се соочува со влијанието од глобалната финансиска криза додека влегува во клучниот период на реформите, претседателот избра некој кој е познат по својата улога во заживувањето на економијата на земјата.
„Ни треба способен премиер“, рече Башеску, додавајќи дека неговиот кандидат ја разбира позадината од светската финансиска криза и го има потребниот авторитет за да ја води земјата во тешки времиња.
Тој им стави крај на гласините дека владата ќе биде од краток век. Премиерот ќе ја врши функцијата четири години, рече Башеску.
Столојан рече дека неговата влада ќе има две „посебно неодложни“ мисии -- справувањето со економската ситуација и истовремено рестартирање на реформите во виталните области како што се здравството и образованието.
Тој рече дека се надева оти новата влада ќе положи свечена заклетва до 22-ри декември.
Коалицијата од две партии сега ќе започне со напнати преговори за министерските места. Првата пукнатина во она што изгледаше како цврста основа се случи кога двете партии не можеа да се согласат дали да ја прифатат партијата на етничките Унгарци, УДМР, во владината коалиција. Социјалдемократската партија (ПСД) се противи на вклучувањето на УДМР во коалицијата и вели дека тоа е тема за која не може да се преговара.
Поранешните официјални претставници, познати по својата улога во борбата против корупцијата, би можело да се вратат. Меѓу нив се и Василе Блага, кој беше министер за внатрешни работи од 2004 до 2007 година, и Моника Маковеи, која беше министерка за правда во текот на истиот период.
Водачот на ПСД, Мирчеа Џоана, се очекува да стане следен претседател на сенатот и заменик-претседател на Врховниот одбранвен совет на земјата (ЦСАТ).
Предизборната кампања на Столојан стави акцент на продолжувањето на периодите за враќање на заемите за станбен кредит за загрозените семејства, контроверзното зголемување на платите на наставниците од 50 отсто, интензивирањето на реформите во јавната администрација и децентрализацијата, рестартирање на процесот на приватизација и спроведување на даночни ослободувања за реинвестиран профит.
Столојан, заменик-претседател на Либералдемократската партија (ПДЛ), се повлече од претседателската трка пред четири години за да му ослободи простор на Башеску, кој ја доби функцијата. Економист по професија, тој беше на висока позиција во Светската банка од 1992 до 1999 година, по неговото учество во политиката.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's