02/12/2008
Косовската влада во понеделникот започна со работа на стратегијата за борба против организираниот криминал, корупцијата и шверцот, кои ги нарекува закана за нејзината евроатланска визија.
Од Беса Беќири за Southeast European Times во Приштина -- 02/12/08
![]() „Нема да дозволиме ниеден дел од [нашата] територија да биде претворен во оаза на корупција, организиран криминал и шверц“, рече косовскиот премиер Хашим Тачи. [Архива] |
Косовската влада во понеделникот (1-ви декември) ја нагласи својата посветеност на борбата против организираниот криминал. На конференцијата во Приштина наречена „Стратегија за борба против корупцијата и организираниот криминал“, премиерот Хашим Тачи на присутните им рече дека владата сака да го подготви Косово за иднина во ЕУ и НАТО, но дека таквата цел не може „да се оствари ако му биде дозволено на организираниот криминал да се вкорени во Косово“.
Владата планира две насоки: зајакнување на правните основи на антикорупциската политика и спроведување на овие мерки во соработката со граѓанското општество и меѓународните партнери.
Тачи повика на домашно единство за остварување на оваа цел, како и совет од меѓународните партнери. Тој ја посочи ЕУЛЕКС, мисијата на ЕУ за спроведување на законот, како сила која ќе помогне во зајакнувањето на суверенитетот на Косово. Почетокот на ЕУЛЕКС е поместен за една недела, на 9-ти декември.
„Сметаме дека ЕУЛЕКС, кој ќе биде распореден на целата територија на Косово, претставува силен поддржувач во оваа борба“ против корупцијата и организираниот криминал, рече Тачи. Тој предупреди дека косовските институции ќе бидат премногу критични кон ЕУЛЕКС ако тој не биде распореден во северниот дел, каде што живее претежно српско население.
Владата може да укаже на некои конкретни чекори што ги презеде. Антикорупциската агенција достави одреден број случаи до јавниот обвинител, истовремено интервенирајќи во случаите на судир на интереси. Владата, исто така, одобри интегрирано управување на границите на земјата, закон за полицијата минатиот февруари и план за борба против трговијата со луѓе.
Сепак, Тачи изрази загриженост во врска со северно Косово, велејќи дека е должност на сите, особено во северниот дел, да ги поддржат антикриминалните напори на владата. Тој предупреди: „Недостатокот на владеење на правото, толеранцијата за нелегалните паралелни структури и цутот на корупцијата и шверцот им штетат на сите косовски граѓани... Ние нема да дозволиме ниту еден дел од [нашата] територија да биде трансформиран во оаза на корупција, организиран криминал и шверц“.
Шверцот е особено нагласен во северот, каде што етничките Срби протестираат поради прогласувањето на независноста од страна на Косово, уништувајќи две царински поставки во февруари. Ибрахим Реџепи, врвен економски новинар, во понеделникот за весникот Eкспрес напиша дека реткоста на приватизацијата во српските енклави покажува „колку е тешко да се стави контрола на економијата таму“.
Во ноември Европската комисија (ЕК) објави извештај со критики и сугестии за Косово. ЕК објави дека на Косово му недостасува „административен капацитет, средства и одлучност“ за спроведување на сопствена антикриминална легислатива и повика на поголема енергичност во борбата против сите видови организиран криминал, вклучително и перењето пари и трговијата со дрога.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's