01/12/2008
Во ситуација кога ниту една од партиите не обезбеди сигурен мандат, во следните недели, најверојатно, ќе има интензивни преговори за формирање нова влада.
Од Пол Чикои за Southeast European Times во Букурешт – 01/12/08
![]() Водачот на Социјалдемократската партија (ПСД), Мирчеа Џоана, во неделата прогласи победа, но трката и понатаму е тесна и се можни различни сценарија за власта. [Getty Images] |
Романците во неделата (30-ти ноември) излегоа на гласање, на шестите парламентарни избори во земјата по падот на комунизмот. Ова беа први избори со еднономинален систем, во кој гласачите избираат помеѓу одделни кандидати, наместо од партиските листи.
Од понеделникот изутрина, прелиминарните резултати на Централното изборно биро покажаа дека коалицијата на Социјалдемократската партија (ПСД) и Конзервативната партија (ПК) води пред Либералдемократската партија (ПДЛ). Претходно ПДЛ беше пред коалицијата со тесно мнозинство.
Со 92,7 отсто пребројани гласови, коалицијата ПСД-ПК има 33 отсто од гласовите, по што следи ПДЛ со 32,57 отсто. Националлибералната партија (ПНЛ) на премиерот Калин Попеску Таричеану е трета, со 18,32 отсто од гласовите.
Во сенатот, коалицијата ПСД-ЦП има 33,99 отсто, по што следи ПДЛ со 33,79 отсто и ПНЛ со 18,49 отсто. Демократскиот сојуз на Унгарците (УДМР), пак, се очекува да добие помеѓу 6,2 и 6,4 отсто од гласовите во двата дома.
Водачот на ПСД, Мирчеа Џоана, во неделата вечер прогласи победа, велејќи дека Романија „испрати порака“. Тој ги покани другите партии на преговори за формирање влада.
Изборите се одржаа еден ден пред романскиот национален празник, Денот на обединувањето, и одѕивот беше многу мал, 39,26 отсто. Многумина како причина го наведоа своето заминување на тридневен одмор, што можеби значително го намали учеството. Новиот гласачки систем не дозволува гласање надвор од сопствената избирачка област.
Со оглед на тесната трка, има повеќе од едно можно сценарио за следната влада. Најверојатна е коалицијата помеѓу ПСД и ПНЛ, при што премиер би бил Џоана.
Сепак, ПНЛ може да одлучи да се здружи со ПДЛ, која е поврзана со претседателот Трајан Башеску. Поранешниот министер за внатрешни работи, Василе Блага, се јавува како можен премиер во тоа сценарио. Претходната соработка помеѓу овие две партии пропадна по личната расправија помеѓу Башеску и Таричеану.
Најмалку веројатна опција е коалиција помеѓу ПСД и ПДЛ. Двете партии се жестоки противници, и поранешниот водач на ПСД, Јон Илиеску, веќе ја отфрли таа можност.
Националистичката партија Голема Романија, пак, не влезе во парламентот, неостварувајќи го прагот од 5 отсто.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's