21/11/2008
Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот за БиХ го заврши дводневниот состанок во четвртокот. Како предмет на загриженост, меѓу другото, истиот ја спомена и стагнацијата на реформите во земјата.
Од Јусуф Рамадановиќ за Southeast European Times во Сараево -- 21/11/08
![]() „[Состанокот] беше почеток на разговорите за идниот ангажман на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина“, рече високиот претставник во БиХ, Мирослав Лајчак. [OХР] |
Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот (ССМ) за Босна и Херцеговина (БиХ) се состанаа оваа недела во Брисел, на разговори околу актуелната политичка ситуација во БиХ. Главниот предмет на загриженост што одборот го истакна на крајот од седницата во четвртокот (20-ти ноември) беше целокупната стагнација на реформите, на патот на земјата кон евроатланската интеграција.
Политичките водачи на ССМ изразија „длабока загриженост во врска со развојот на политичката ситуација“ во текот на изминатите четири месеци, поради намалувањето на темпото на реформите и националистичката реторика што ја користат некои политичари.
Иако советот изрази поддршка за политичкиот договор постигнат на 8-ми ноември во северниот босански град Оџак меѓу водачите на трите главни партии во БиХ, истиот ја истакна неопходноста од негово спроведување. Покрај ова, практиката на оспорување на територијалниот интегритет на БиХ и постоењето на ентитетите во земјата мора да престане, рече советот.
Американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања, Даниел Фрид, и американскиот амбасадор во БиХ, Чарлс Инглиш, исто така, се состанаа со политичарите за време на седницата на ССМ. Тие имаа одделни состаноци со премиерот на Република Српска Милорад Додик, кој го предводи Сојузот на независните социјалдемократи, претседателот на Партијата за демократска акција, Сулејман Тихиќ, и водачот на Хрватската демократска заедница на БиХ, Драган Човиќ, на разговори околу актуелната политичка ситуација.
Фрид и Инглиш ја потврдија поддршката на американскиот Стејт департмент за договорот од Оџак и повикаа на брзо спроведување. Водачите од БиХ рекоа дека реформата на уставот во земјата претставува суштински приоритет во моментов, како што објавија медиумите.
Иако имаше шпекулации дека седницата на ССМ ќе даде дефинитивна опција за затворање на Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) во БиХ, ССМ наместо тоа објави дека ќе ја задржи ОХР како надгледувач додека БиХ не ги спроведе потребните реформи.
Конкретно, ССМ посочи на петте цели и двата услови што ги истакна претходно оваа година како предуслов за затворање на ОХР -- особено истакнувајќи ја потребата за дефинирање на статусот на Брчко и поделба на државниот имот и имотот на армијата. ССМ, исто така, искажа загриженост во врска со одложувањето на усвојувањето стратегија за судење на воените злосорства во БиХ.
„[Состанокот] го одбележа почетокот на разговорите во врска со идниот ангажман на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина. Разговорите ќе продолжат“, рече високиот претставник Мирослав Лајчак по состанокот.
Следниот состанок е закажан за март 2009 година во Сараево.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's