20/11/2008
Србија планира да ја тужи Хрватска за воени злосторства, како одговор на загребската тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.
(ФТ - 20/11/08; AКИ, Javno.hr, Б92, Блиц - 19/11/08; AП, АФП, Ројтерс, ДПА, АКИ, ББС, СНН, Бета, Б92, прес-центар на ОН, Меѓународен суд на правдата - 18/11/08)
![]() „Бура ... беше легитимна акција на хрватската армија и полиција“, рече претседателот Стипе Месиќ. [AФП] |
Србија ќе поднесе противтужба против Хрватска пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), рече министерот за надворешни работи, Вук Јеремиќ, доцна во вторникот (18-ти ноември), откако судот во Хаг донесе пресуда дека има надлежност за обвиненијата за генодиц што Загреб ги покрена против Србија.
Белград планира да ја тужи Хрватска за воени злосторства извршени за време на операцијата Бура во 1995 година, за време на која околу 250.000 етнички Срби ги напуштија своите домови. Околу 130.000 од нив, наводно, се вратија.
„Хрватска ја отфрли нашата понуда за помирување и напорите да го оставиме минатото зад нас“, изјави Јеремиќ за државната радиотелевизија РТС, изразувајќи жалење што Загреб го отфрли вонсудското решение. „Сега ќе се вратиме на историјата за да ја утврдиме вистината, за да можеме да имаме заедничка иднина во Европската унија.“
Но, хрватскиот претседател Стипе Месиќ, чија земја поднесе тужба против Србија во МСП во 1999 година, во средата рече дека планираната противтужба против неговата земја ќе биде неоснована.
„Операцијата Бура не може да се спореди со нашата тужба против Србија“, рече Месиќ на Хрватската радиотелевизија (ХРТ). „Хрватската армија не изврши геноцид, хрватската армија не влезе во Србија; таа не уништи села во Србија.“
Хрватска ја обвини Србија дека била вклучена во текот на целиот конфликт 1991-1995 година помеѓу двете земји во „вид на геноцид“. Во војната загинаа околу 20.000 луѓе.
Загреб бара да бидат казнети сите кои извршија геноцид, потоа бара враќање на сите украдени хрватски културни артефакти и репарација од страна на Србија.
Во обид да ја стопира судската постапка, Србија поднесе три прелиминарни приговори.
Но, судот од 17 судии ги отфрли сите во вторникот, донесувајќи пресуда дека МСП „има надлежност, врз основа на членот IX од Конвенцијата за геноцид, да го прифати случајот независно“. Пресудата не може да се обжали; набљудувачите очекуваат дека на МСП ќе му требаат неколку години за да донесе пресуда.
Јеремиќ посочи дека противтужбата на Србија ќе ги опфати и злосторствата извршени од страна на хрватскиот пронацистички режим во Втората светска војна.
Месиќ во средата истакна дека Хрватска ги исполнила своите обврски за испраќање на сите обвинети воени злосторници во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ).
Србија сé уште не ги предаде двајцата бегалци обвинети за воени злосторства кои ги бара МКТЈ -- поранешниот воен командант на босанските Срби Ратко Младиќ и поранешниот бунтовнички водач на хрватските Срби Горан Хаџиќ. Белград вели дека не знае каде се наоѓаат тие.
Судирот помеѓу Србија и Хрватска претставува дно во нивните повоени односи, велат аналитичарите, истакнувајќи дека врските помеѓу двете поранешни југословенски републики се клучни за стабилноста на целиот регион.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's