Гејтс се состана со балканските министри за одбрана и го повика Скопје да го реши спорот во врска со името

14/10/2008

Како континуитет на регионалната соработка, министрите за одбрана од Југоисточна Европа се состанаа во Охрид со американскиот секретар за одбрана, Роберт Гејтс.

Од Горан Трајков за Southeast European Times во Скопје -- 14/10/08

photo

Охрид минатата недела беше домаќин на состанокот на министрите за одбрана од Југоисточна Европа. [Toмислав Георгиев]

Соработката помеѓу Министрите за одбрана од Југоисточна Европа (СЕДМ) започна во 1996 година и набргу потоа прерасна во традиција на редовни годишни состаноци. Американскиот секретар за одбрана, Роберт Гејтс, присуствуваше на овогодинешниот состанок во Охрид, Македонија, што се одржа од 8-ми до 10-ти октомври.

СЕДМ има десеттина членки -- Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Италија, Македонија, Романија, Словачка, Турција, Украина и Соединетите Држави -- и четири набљудувачи -- Грузија, Молдавија, Црна Гора и Србија. Американскиот адмирал Марк Фиџералд, командант на Здружената команда на НАТО во Неапол, исто така, присуствуваше на состанокот.

Гејтс се состана и со македонскиот премиер Никола Груевски, министерот за одбрана, Зоран Коњановски, и претседателот Бранко Црвенковски. „Како и многумина од вас, и ние бевме разочарани од априлскиот исход, кога Македонија не доби покана за влез во Алијансата на самитот во Букурешт“, им рече тој на официјалните претставници. Грција ја блокираше кандидатурата на Македонија поради долготрајниот спор околу името со Македонија.

Сепак, Гејтс, исто така, ги повика Македонците да бидат „што е можно покреативни и свртени кон иднината ... за да се обидеме и да го комплетираме членството во НАТО на состанокот на министрите за одбрана во декември“.

Македонија и Грција моментно го разгледуваат предлогот на посредникот на ОН, Метју Нимиц, според кој Македонија би го користела името Република Северна Македонија на меѓународен план, а би се нарекувала Македонија во земјата и во односите со земјите што ја прифаќаат употребата на тоа име.

Во своето обраќање на состанокот Гејтс побара од министрите да ја разгледаат можноста за испраќање воени обучувачи во Авганистан. „Со оглед на тоа што ситуацијата на терен во Ирак и понатаму се подобрува, ве повикувам да ја разгледате можноста за испраќање на вашите воени сили во Авганистан, каде што има итна потреба од обучувачи, бидејќи тие ја прошируваат својата армија“, рече Гејтс.

Постојаните членки на СЕДМ имаат 5.100 војници во Авганистан. Според извештаите на меѓународните медиуми, здружената команда на НАТО и САД планира да го зголеми скоро за двојно бројот на своите војници таму, во текот на следните четири години, до 134.000 војници.

„Вашата помош не само што ќе му помогне на Авганистан подобро да ги штити и да се грижи за своите граѓани, туку и ќе ја зајакне вашата важна улога во осигурувањето на мирот и стабилноста во светот“, рече Гејтс.

Овогодинешната министерска конференција ја одбележа 10-годишнината од спогодбата на СЕДМ -- потпишана во Скопје -- која водеше до формирање на мултинационалната Бригада на Југоисточна Европа.

Македонија го има двогодишниот ротирачки мандат на претседавач со процесот на СЕДМ и комисијата што ги управува Мултинационалните мировни сили на Југоисточна Европа до јуни 2009 година.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading