14/10/2008
Кипарските Грци и кипарските Турци во понеделникот одлучија да ги откажат годинешните воени вежби со цел да обезбедат поповолна клима за тековните директни разговори за повторно обединување помеѓу водачите на двете заедници.
(Сајпрус мејл - 14/10/08; AП, АФП, ДПА, Фајненшал мирор, КНА, Фамагуста газете, Заман, новинска агенција ОН - 13/10/08)
![]() Плановите за одделни воени вежби на силите на кипарските Грци и кипарските Турци беа откажани по разговорите во понеделникот (13-ти октомври) помеѓу водачите на двете заедници. [AФП] |
Одделните годинешни воени вежби на кипарските Грци и кипарските Турци беа откажани во понеделникот (13-ти октомври), по новиот круг разговори за повторно обединување помеѓу водачите на двете заедници.
Претседателот Деметрис Христофиас го објави откажувањето на петдневните воени вежби на кипарските Грци, наречени Никифорос, на помалку од 24 часа пред нивниот закажан почеток во вторник. Тој рече дека потегот уследил по претходната владина одлука да бара поддршка од генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, за одложување или откажување на вежбата и да побара од кипарските Турци да ги откажат своите редовни воени вежби, со кодирано име Бик.
Откажувањето на овие редовни воени вежби од широк обем ќе „ја подобри климата“ и ќе ги зголеми шансите за успех на тековните преговори за ставање крај на 34-годишната поделеност на овој медитерански остров, изјави Христофиас за Советот на Европа минатиот месец.
Никифорос, кои ги вклучуваат регрутите на Националната гарда и илјадници резервисти, беа откажани помеѓу 2001 и 2004 година, како мерка за градење на довербата за време на разговорите за повторно обединување, предводени од ОН во тоа време. Иницијативата заврши со неуспех, бидејќи големо мнозинство на кипарските Грци го отфрли предложеното решение. Воените вежби продолжија во 2005 година.
Портпаролот на кипарската влада, Стефанос Стефану, рече дека одлуката за откажување на Никифорос оваа година претставува „гест на добра волја“ од страна на кипарските Грци, додавајќи дека кипарските Турци треба да одлучат дали ќе постапат исто така.
„Воените вежби не се дел од тековниот дијалог ... тоа не е дејство на две заедници, ако така сакате“, изјави тој за весникот Cyprus Mail.
Подоцна во понеделникот, портпаролот на кипарските Турци потврди дека вежбата Бик, која обично следи набргу по вежбата на кипарските Грци, е исто така откажана.
Соопштението за ова уследи неколку часа откако Христофиас и Талат го одржаа својот петти состанок по почетокот на директните разговори за повторно обединување на 3-ти септември. Разговорите се фокусираа на поделбата на власта и управувањето во идната бизонална федерална држава на две заедници во Кипар, едно од најпроблематичните прашања на агендата.
Придржувајќи се на взаемно договореното медиумско ембарго, Христофиас не сакаше да коментира за исходот од тричасовниот состанок во напуштен аеродром во тампон-зоната на ОН што ја дели Никозија.
„Ние сме вклучени во разговорите. Ова се преговори за многу сериозни прашања и ќе потраат, така што не можете да коментирате за разговорите секојпат кога ќе се одржат“, изјави тој за новинарите.
Но, Александар Даунер, специјалниот претставник на ОН за Кипар, кој посредува со разговорите, рече дека двајцата водачи постигнале напредок. Сепак, тој истакна дека не може да се очекува да постигнат договор за сите прашања што се на маса за брзо време.
„Неминовно, постои сé поголемо разбирање помеѓу двете страни“, изјави за новинарите поранешниот австриски министер за надворешни работи. „Не можете да очекувате тие одеднаш да се согласат за сé уште на првиот ден и цела работа да биде решена по сите овие години. Ова ќе потрае и ќе бидат тешки преговори... Но, она што го имате тука е политичка волја и политичката волја е многу добра.“
Даунер, исто така, рече дека помошниците на Христофиас и Талат ќе се состанат со експертите в четврток, на понатамошни разговори за прашањето на поделбата на власта, пред повторниот состанок на водачите на 22-ри октомври.