Хуманитарен концерт во чест на балканската легенда Тоше Проески

08/10/2008

Под транспарентите „Те сакаме Тоше“, повеќе од 50.000 обожаватели на починатиот Тоше Проески се собраа на градскиот стадион во Скопје, на концертот во чест на саканиот пејач.

Од Горан Трајков за Southeast European Times во Скопје – 08/10/08

photo

Илјадници обожаватели се собраа во чест на починатиот пејач Тоше Проески. [Toмислав Георгиев]

Петти октомври не беше случаен датум за хуманитарниот концерт во чест на починатиот Тоше Проески. Пред една година на тој датум, тој настапи на, како што се покажа, својот последен концерт; тој загина 11 дена подоцна во сообраќајна несреќа што го шокираше Балканот. Сите приходи од концертот во неделата отидоа за хуманитарни цели, во чест на посветеноста на Проески на хуманитарната работа. Министерството за култура и Меѓународната фондација „Тоше Проески“ го спонзорираа настанот.

Тоа беше најпосетен концерт досега во Македонија, на кој присуствуваа повеќе од 50.000 локални и странски обожаватели. Настапија повеќе од 20 музичари -- пријатели на Проески -- меѓу кои: Калиопи, Симон Трпчевски, Наум Петрески, Аки Рахимовски, Синтезис и многу други. Фондацијата Проески им додели статуетки за добрата работа на премиерот Никола Груевски и на сите учесници на концертот. Енди Рајт, британски продуцент кој соработуваше со Проески, рече дека тој беше „извонреден пејач“.

Публиката, сé уште во жал по една година оплакување, плачеше и пееше заедно со уметниците на сцената. За оние кои не можеа да присуствуваат на концертот, телевизиските станици го емитуваа низ сите поранешни југословенски земји, Кипар, Бугарија и другите земји што й припаѓаат на Европската радиодифузна унија. Концертот беше најгледана емисија за македонската телевизија Сител оваа година.

Телевизиските врски им овозможија на обожавателите во студијата на Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Србија, Бугарија и Словенија да им го изразат своето сочувство на присутните на концертот во Скопје.

Организаторите на концертот ги исполнија трите желби на Проески. Првата беше да го исполни целиот стадион. Втората беше да ја промовира Македонија со својот англиски албум, на кој работеше во времето кога загина. Третата беше да настапи со својот внук, што беше остварено преку видео-дуетот што за првпат се емитуваше на крајот од концертот.

Обожавањето од страна на публиката на Проески, покажа како тој можеби успеа да го постигне она што ги одбегна безброј државници и политичари -- да ги обедини различните народи на поранешна Југославија.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading