08/10/2008
Американскиот секретар за одбрана, Роберт Гејтс, во вторникот ја потврди континуираната поддршка на Вашингтон за Косово, истакнувајќи дека независноста на земјата претставува неповратен процес и дека нејзината поделба по етнички линии не е опција.
(Вашингтон пост - 08/10/08; AП, АФП, Ројтерс, ДПА, Интернешнал хералд трибјун, ВОА, РТТЊус, Макфакс, американско Министерство за одбрана - 07/10/08)
![]() Американскиот државен секретар, Роберт Гејтс, оди во патрола со војниците пешки во вторникот (7-ми октомври) во Гњилане, Косово. [Getty Images] |
Американските војници ќе останат во Косово уште најмалку една година, рече во вторникот (7-ми октомври) американскиот секретар за одбрана, Роберт Гејтс, потврдувајќи ја поддршката на Вашингтон за новата независна држава и мировната операција на НАТО таму. Шефот на Пентагон, првиот член на кабинетот што го посети Косово откако тоа прогласи независност од Србија на 17-ти февруари, рече дека новата ротација на војниците ќе го обезбеди американското присуство на терен најмалку до октомври 2009 година.
Соединетите Држави го имаат четвртиот најголем контингент меѓу повеќе од 30-те земји-учеснички во КФОР. Нивниот контингент од скоро 1.600 припадници во источниот дел од Косово, сочинува околу една десеттина од силите предводени од НАТО.
„Ние ќе продолжиме со исполнувањето на нашите обврски таму“, рече Гејтс по состанокот со косовскиот претседател Фатмир Сејдиу и премиерот Хашим Тачи. Гејтс, исто така, го повтори ветувањето што американскиот претседател Џорџ В. Буш им го даде претходно на партнерите во НАТО, „дојдовме заедно и ќе си одиме заедно“.
Тој, исто така, вети дека неговата земја ќе продолжи да обезбедува услуги, воена опрема и обука. Во јули САД ветија повеќе од 290 милиони евра помош за реконструкција на Косово, на меѓународната донаторска конференција што се одржа во Брисел.
Косовските водачи им се заблагодарија на Соединетите Држави за нивната поддршка и на Гејтс за неговите напори.
Соединетите Држави беа меѓу првите што ја признаа независноста на Косово. Португалија во вторникот стана 48-та земја што го призна Косово.
Сејдиу изрази оптимизам дека наскоро ќе следат и други држави, наведувајќи ги „позитивните сигнали“ од соседна Македонија и Црна Гора.
До денес 22 од 27-те земји-членки на ЕУ го признаа Косово, и покрај силното противење на Србија. Оние што не се согласуваат -- Кипар, Чешката Република, Грција, Романија и Шпанија -- стравуваат од сопствените сепаратистички движења ако го сторат тоа.
Тачи во вторникот вети дека Приштина ќе вложи максимални напори за интеграција на косовските Срби во новата држава. Сепак, неговата влада практично нема контрола над околу 15 отсто од територијата на државата, каде што живеат околу 200.000 етничките Срби, од кои повеќето ја отфрлаат независноста на Косово.
Со поддршка на Русија, Белград одбива да ја признае независноста на Косово како завршена работа. Истиот поднесе резолуција во која бара мислење од Меѓународниот суд на правдата за легитимноста на декларацијата за независност од 17-ти февруари, за која Генералното собрание на ОН ќе гласа во среда.
Гејтс во вторникот ја истакна невозможноста за враќање на процесот назад или за поделба на Косово долж етнички линии, како што посочи српскиот претседател Борис Тадиќ минатата недела.
„Не верувам дека поделбата на Косово ќе биде опција ниту сега, ниту во иднина“, рече американскиот секретар за одбрана.
Гејтс замина за Македонија доцна во вторникот, за да присуствува на Конференцијата на министрите за надворешни работи од Југоисточна Европа во Охрид. Тој ќе учествува во дводневната конференција на министрите за одбрана на НАТО, која се отвора во Будимпешта в четврток.