02/10/2008
Министрите за одбрана на ЕУ во средата изразија поддршка за планот за намалување на мировната операција на нивниот блок во Босна и Херцеговина, наведувајќи ја како причина подобрената безбедносна ситуација таму.
(AФП, Ројтерс, АП, ДПА, Блумберг, Еуроњус, ВОА, Б92 - 01/10/08)
![]() Мисијата на ЕУ Алтеа, формирана во 2004 година, брои околу 2.000 војници и е задолжена за воени задачи што се спроведуваат во рамките на мировниот договор со кој беше ставен крај на конфликтот во периодот 1992-1995 година. [Getty Images] |
Мировните сили на ЕУ (ЕУФОР) во Босна и Херцеговина (БиХ) ги постигнаа своите воени цели, рекоа во средата (1-ви октомври) министрите за одбрана на Унијата, додека разговараа за иднината на мисијата на неформалниот состанок во Довиј, Франција.
Тие, исто така, се согласија дека со оглед на значителните подобрувања на безбедноста на БиХ во последниве години, блокот од 27 земји треба да го трансформира опсегот и улогата на операцијата, наречена Алтеа.
„Воените цели се исполнети, нема никаква причина мисијата да продолжи“, изјави за новинарите францускиот министер за одбрана, Херве Морин, чија земја моментно претседава со ЕУ.
Според ДПА, четирите можни сценарија за иднината на ЕУФОР што се разгледуваат, одат од променета мисија до целосно повлекување на силите. Морин рече дека голем број земји-членки изразиле поддршка за планот за намалување на ЕУФОР и негова замена со сили за брза реакција кои ќе бидат повеќе цивилни по својата природа и кои ќе имаат седиште надвор од БиХ, но ќе интервенираат во итни случаи.
Само „една или две земји“ биле за одржување на состојбата на статус кво, истакна тој, без да ги менува.
„Главно, мислењето беше дека е важно постепено да се оди со повлекувањето, особено кон промената на природната“, рече францускиот министер.
Додека ЕУФОР во голема мера ги заврши воените операции, се смета дека најголема потреба БиХ сега има од воени советници и полициски обучувачи.
Во отсуство на едногласна одлука во средата, британскиот генерал Џон Мекол, командант на ЕУФОР, ќе „претстави попрецизни опции“, кои министрите за одбрана на ЕУ треба да ги разгледаат на својот следен формален состанок во Брисел на 10-ти ноември.
Сепак, Морин истакна дека ЕУ не бега од БиХ.
„Не станува збор за тоа дека Европа веднаш си заминува, што би било лош знак“, рече министерот. Сепак, ЕУ мора да го убеди својот народ дека е способна не само да отпочне мисија, туку и да ја заврши, додаде тој.
„Не можеме да му кажеме на нашиот народ дека мораме да ги имаме овие мисии, но дека не знаеме како да ги завршиме“, рече Морин.