30/09/2008
Поранешниот југословенски министер за одбрана Вељко Кадијевиќ доби руско државјанство и најверојатно нема да се соочи со екстрадиција во Хрватска, каде што го очекуваат три одделни обвиненија за неговата наводна вмешаност во воените злосторства за време на раната фаза од конфликтот во периодот 1991-1995 година.
(AФП, Б92, РИА Новости, Јавно - 29/09/08)
![]() Последниот министер за одбрана на поранешна Југославија, Вељко Кадијевиќ, ја предводеше Југословенската народна армија за време на воените операции против хрватските градови Вуковар и Дубровник во 1991 година. [AФП] |
Вељко Кадијевиќ, последниот министер за одбрана на поранешна Југославија, кого хрватските власти го гонеа за наводна вмешаност во воени злосторства, доби руско државјанство, објави во понеделникот (29-ти септември) московска новинска агенција.
„Можам да потврдам дека генерал Кадијевиќ доби руско државјанство“, изјави анонимен извор за РИА Новости.
Во документот објавен на веб-страницата на Кремлин се набројува и пензионираниот генерал, роден 1925 година во Хрватска, меѓу 14-те лица кои добиле руско државјанство со претседателскиот декрет на 13-ти август.
Според руските закони, Кадијевиќ, кој доби статус на бегалец во 2005 година, морал да живее во земјата три години за да може да добие државјанство.
Хрватските власти го сметаат поранешниот министер, кој ја предводеше Југословенската народна армија (ЈНА) на почетокот од војната во Хрватска во периодот 1991-1995 година, за одговорен за наводната вмешаност во злосторствата извршени од страна на силите под негова команда во раната фаза од конфликтот.
Кадијевиќ се соочува со три одделни обвиненија во Хрватска. Првото, издадено од судските власти во централниот град Бјеловар во 1992 година, го товари за воени злосторства во регионот. Обвинителите во источните градови Вуковар и Осиек го обвинија во 2003, односно 2006 година.
За Вуковар се врзува една од најкрвавите епизоди во хрватската борба за независност од Југославија. Повеќе од 1.000 цивили загинаа, а илјадници други избегаа од дома за време на тримесечната опсада и бомбардирањето на градот од страна на српските сили.
Меѓу другите обвинети од страна на хрватските обвинители за воените злосторства во Вуковар се и офицерите на ЈНА Веселин Шљиванчанин и Мирослав Радиќ, бунтовничкиот српски водач Миле Мркшиќ и Воислав Шешељ, водачот на ултранационалистичката Српска радикална партија. Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија веќе подигна обвинение против четворицата за воени злосторства.
Горан Хаџиќ, еден од двајцата преостанати бегалци на Трибуналот на ОН за воени злосторства, беше помеѓу десетмината во обвинението на хрватските власти од 2003 година.
Најновото обвинение против Кадијевиќ беше издадено во мај 2006 година, кога судот во Осиек го обвини него и командантот на Југословенските воздухопловни сили од етничките Хрвати Звонимир Јурјевиќ, за смртта на најмалку 30 луѓе, убиени во неселективното бомбардирање на источна Хрватска.
Истиот издаде налог за апсење на двајцата офицери, кои живееја надвор од Хрватска.
Хрватската влада издаде меѓународна потерница за Кадијевиќ во март 2007 година. Неколку дена подоцна Интерпол, исто така, го вклучи на својата листа на барани криминалци.
Откако стана јасно дека Кадијевиќ живее во Русија, хрватската влада побара негова екстрадиција. Руските власти рекоа дека го проучуваат барањето.
Шансите Кадијевиќ некогаш да се соочи со судење во Хрватска се мали, сега кога тој е руски државјанин. Рускиот устав забранува екстрадиција на свои државјани.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's