10/09/2008
Maкедонија нуди концесии за изградба на неколку делови од патишта со наплата, главно кон соседните земји.
Од Зоран Николовски за Southeast European Times во Скопје – 10/09/08
![]() Градежни претпријатија сакаат да изградат 560 километри од патиштата во Македонија. [Архива] |
Четириесет и осум претпријатија и конзорциуми покажаа интерес за предквалификацискиот тендер за добивање концесии за неколку патишта со наплата во Македонија. Министерството за транспорт и врски вели дека претпријатија од Европа, Кина, Индија и Северна Америка поднесле писма со намери до крајниот рок на 15-ти август.
Министерството ќе го објави тендерот за проектирање, изградба и финансирање на патиштата со наплата, кои ќе ја подобрат поврзаноста главно со соседните земји. Се работи за следниве патишта, со вкупна должина од 550 километри: од Романовце до Деве Баир кон Бугарија (70 километри), од заобиколницата кај Скопје до граничниот премин Блаце кон Косово (13 километри), од Гостивар до Охридскиот меѓународен аеродром (93 километри), од Битола до границата со Албанија (8 километри), од Меџитлија на границата со Грција до Велес (130 километри), од Велес до границата со Бугарија (120 километри) и од Штип до Миладиновци, надвор од Скопје (49 километри).
Министерството планира да избере кога патиштата ќе бидат ставени под управа на концесионерите во втората фаза од тендерската процедура. Концесионерите ќе имаат и краен рок до кога ќе можат да ги завршат инвестициите.
Министерството вели дека потенцијалните инвеститори треба да направат главен проект со анализа на влијанијата врз животната средина и финансиска конструкција на проектите. Успешните понудувачи за добивање концесија ќе мора да ги одржуваат своите соодветни делници од патиштата.
Целта на владата, според министерството, е подобрување на инфраструктурата за сувоземниот транспорт, како дел од нејзиното приближување кон членството во ЕУ.
Експертите го поздравуваат тендерот како навремен потег и шанса да се развие транспортната мрежа и да се внесе корисно секударно влијание врз економијата. Бавниот транспорт на стоката до европските пазари на постојните патишта во Македонија досега ги обесхрабруваше странските директни инвестиции. Проектот, исто така, ќе ја зголеми атрактивноста и вредноста на крајпатниот недвижен имот.
Експертите, исто така, велат дека Скопје може да го поттикне развојот на секундарната инфраструктура како што се мотелите, паркинзите, бензиските пумпи, пристапните патишта до историските места итн., по овие патишта.
Сепак, сé уште постои загриженост во врска со целокупната остварливост на проектот, која ја изрази и поранешниот министер за транспорт и врски, Љупчо Балковски. Тој рече дека концесиите ќе бидат попрофитливи и поатрактивни ако Македонија ја синхронизира изградбата на автопатите со Бугарија и Албанија, своите соседи на коридорот исток-запад.
Во спротивно, недостатокот на сообраќај може да ги принуди странските инвеститори да работат со патиштата и да наплаќаат патарина со децении за да си ги повратат инвестициите. Концесионерите кои ќе бидат под голем притисок можат да наплаќаат повисоки патарини во покус период, што ќе им падне тешко на возачите на моторни возила во земја каде што годишниот бруто национален приход по глава на жител беше само 5.760 евра во 2007 година. „Државата мора да мисли на алтернативни патишта за бизнисмените и поединците кои не сакаат или не можат да плаќаат за користењето на автопатите“, рече Балковски.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's