Реструктуирањето на УНМИК ги отвори вратите за ОБСЕ во Косово

05/09/2008

Улогата на ОБСЕ во Косово ќе стане позначајна со намалувањето на надлежностите на УНМИК, вели шефот на мисијата на ОН.

(OБСЕ - 04/09/08)

photo

Шефот на УНМИК, Ламберто Заниер, во четвртокот (4-ти септември) беше во седиштето на ОБСЕ во Виена. [OБСЕ]

Шефот на УНМИК, Ламберто Заниер, во четвртокот (4-ти септември) рече дека неговата мисија сега смета оти е тешко да ја наметне својата власт во Косово. Во обраќањето пред Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена, тој, исто така, рече дека реструктуирањето и намалувањето на УНМИК му дава на ОБСЕ простор за поголема улога.

„Улогата на ОБСЕ ќе стане уште позначајна, особено на терен, не само во смисла на помошта во пополнувањето на евентуалните празнини, туку, што е поважно, и во гарантирањето дека остварувањата што ние ги постигнавме досега нема да исчезнат“, рече тој.

УНМИК, рече Заниер, е попречен од недостатокот на правни инструменти. „Напорите за наметнување на моите законски овластувања едноставно се занемаруваат од повеќето косовски Албанци кои сега го сметаат косовскиот устав за основен документ“, рече тој.

Во новата клима, блага интервенција -- извршена преку негување на некои лични врски на локално ниво низ советување, следење и посредување -- може да биде потребна за пополнување на празнините. ОБСЕ, рече тој, има „посебни компаративни предности“, поради својата неутралност, пристапот заснован на правата и децентрализираната мрежа на регионални канцеларии и подканцеларии.

Според Заниер, промените што влијаат на УНМИК претставуваат подеднакво можност и предизвик за ОБСЕ. „Можност бидејќи ќе биде во „првите борбени редови“ во поглед на мониторингот, менторството, советувањето и алармирањето ако биде потребно, а предизвик поради тоа што никој од нас нема да го има огромното овластување за носење одлуки што некогаш беше неоспорно во рацете на УНМИК“, рече тој.

Заедничките дејствувања помеѓу двете организации се од суштинска важност во областите како што се заштитата на малцинските заедници и враќањата на раселените лица, рече Заниер.

„Ќе биде потребна посилна соработка, а пожелноста на поактивна улога на терен може да ви даде, во оваа фаза на транзиција, добра можност за преиспитување на операцијата во поглед на новите реалности на терен“, рече тој.

ОБСЕ вели дека неговата мисија во Косово е негова најголема теренска операција, со скоро 800 вработени низ целата земја.

Дописникот на Southeast European Times Блерта Фониќи-Кабаши придонесе за овој натпис.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading