Започнува Параолимпијадата во Пекинг

05/09/2008

Десетици балкански спортисти ќе учествуваат на 13-тата Параолимпијада, која се отвора в сабота во Пекинг. Суштината на Параолимпијадата е натпреварот, а не хендикепираноста. Многумина се надеваат дека ќе се вратат дома со медали.

Од Светла Димитрова за Southeast European Times -- 05/09/08

photo

Параолимпијадата Пекинг 2008 ќе биде отворена на Националниот стадион в сабота (6-ти септември). [Getty Images]

Помалку од две недели по завршувањето на Олимпијадата во Пекинг, во тек се подготовките во кинескиот главен град за почеток на уште еден елитен спортски настан. Тринаесеттата Параолимпијада ќе биде отворена в сабота (6-ти септември) со уште една церемонија на стадионот Птичје гнездо.

Повеќе од 4.000 спортисти од шест различни групи на хендикепирани, кои ќе претставуваат скоро 150 земји и региони од светот, ќе се натпреваруваат во 20 спортови, вклучително и стрелаштво со лак, атлетика, велосипедизам, коњски трки, веслање, едрење, стрелаштво, пливање, пинг-понг и тенис со инвалидски колички, ракомет (со седење) и кошарка со инвалидски колички. Вкупно 427 натпревари на доделување медали ќе се одржат во текот на 13-дневниот настан, кој завршува на 17-ти септември.

Ова ќе биде прва Параолимпијада на која Србија и Црна Гора ќе учествуваат како две делегации.

Српскиот тим од 14 членка вклучува спортисти кои ќе се натпреваруваат во стрелаштво, атлетика и пинг-понг. Помеѓу спринтерите се Немања Савковиќ, пинг-понгарите Борислава Периќ и Нада Матиќ, како и Милош Грлица, кој освои бронзен медал во категоријата фрлање копје за мажи на атинската Параолимпијада во 2004 година, каде што се натпреваруваше и во трките за мажи на 5.000 метри и во скок во далечина. Српската влада обезбеди околу 200.000 евра за учеството на националниот тим на Игрите во Пекинг.

Дваесетиседумчлената делегација на Босна и Херцеговина (БиХ), која ја сочинуваат 15 спортисти, замина за Пекинг во понеделникот со големи надежи дека машкиот тим на земјата во одбојка (со седење) ќе го освои златото, како и пред четири години во Атина. Џенита Клицо и Џевад Панџиќ ќе ја претставуваат БиХ на атлетските натпревари, а Изудин Хусановиќ во стрелаштво. Хрватска испрати 25 параолимпијци во Пекинг, вклучително и 13 натпреварувачи во различни атлетски дисциплини. Меѓу нив е и Јелена Вуковиќ, која освои бронзен медал во фрлање диск за жени во Атина и Милка Милинковиќ, атлетичарка-ветеран, која ги поминала последните 40 години од својот живот во инвалидска количка. Таа го имаше своето деби на Параолимпијадата во Хајделберг во 1972 година, освојувајќи сребрен и бронзен медал како дел од југословенскиот тим.

Помеѓу 1980 и 1988 година Милинковиќ освои уште шест параолимписки медали -- две златни, една сребрена и три бронзени -- за Југославија. Таа освои бронза во фрлање копје за жени на Игрите во 1992 година во Барселона, на кои Хрватска за првпат учествуваше како независна држава. Ова ќе й биде осма Параолимпијада на Милинковиќ.

Миховил Спања е меѓу четворицата пливачи кои ќе ја претставуваат Хрватска во Пекинг. Тој освои три бронзени медали во Атина -- во грбно пливање за мажи на 100 метри, 200 метри мешано и 400 метри слободен стил.

Хрватска, исто така, ќе учествува и на натпреварите во стрелаштво, пинг-понг, велосипедизам и коњските трки.

Двајцата македонски учесници на Игрите во Пекинг се стелачите Ванчо Каранфилов, освојувачот на сребрениот медал во категоријата на воздушна пушка за мажи во Атина, и европската шампионка Оливера Наковска, која го освои шестото место на натпреварот со воздушна пушка за жени на Параолимпијадата во 2004 година.

Бугарскиот параолимписки тим вклучува осум члена оваа година. Седум од нив ќе се натпреваруваат во различни атлетски дисциплини. Меѓу нив е и европскиот шампион Дечко Овчаров, кој се натпреварува во фрлање копје и фрлање диск за мажи, и Стела Иванова, светска шампионка во фрлање диск и фрлање ѓуле за жени. Иванка Колева, која освои злато во фрлање ѓуле за жени на Параолимпијадата во Сиднеј во 2000 година, исто така ќе ја претставува Бугарија во овие две дисциплини, како и во натпреварите на кревање товар за жени.

Романија ќе биде претставена на Игрите со велосипедистите Карол Едуард Новак, Арнолд Цсаба Буту, Лехел Рузса, тенисерката Крина Стелијана Тугуи и кревачката на товар Корина Виорика Кустура.

Турција, чиј стрелач Мухарем Корхан Јамач освои два медали за земјата на атинската Параолимпијада, се надева дека нејзините 16 натпреварувачи, вклучително и осум жени, овојпат ќе имаат многу подобри резултати.

„Осум турски атлетичари се натпреваруваа на Игрите во Атина во 2004 година и освоија еден златен и еден бронзен медал“, рече генералниот секретар на турскиот Параолимписки комитет Ибрахим Гумусдал во интервјуто на 28-ми август за агенцијата Анадолу. „Сега, ние одиме во Пекинг со 16 спортисти за да освоиме 5-6 медали во спортовите стелаштво, стрелаштво со лак, кревање товар, пинг-понг, тенис со инвалидски колички, атлетика и џудо.“

Игор Јовановиќ (Белград), Иво Шчепановиќ (Загреб), Томислав Георгиев (Скопјe) и Пол Чикои (Букурешт) дадоа свој придонес во овој извештај.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading