04/09/2008
Првиот Меѓународен летен филмски фестивал се одржа во Драч, привлекувајќи посетители од целиот свет.
Од Маријан Тутуи за Southeast European Times -- 04/09/08
![]() Првиот Меѓународен летен филмски фестивал се одржа од 23-ти до 30-ти август. [Фотографијата е добиена со љубезна согласност на Ксавиер Ламбур] |
Албанскиот град Драч не е само едно од најголемите пристаништа во земјата, туку ја претставува и турбулентната историја и промените во земјата. Амфитеатарот во Драч, кој е изграден во вториот век п.н.е и се наоѓа на Листата на светското наследство на УНЕСКО, е сведоштво за славата на античкиот Дирајиум, додека вилата на кралот Зог ја раскажува приказната за еден политичар кој е доволно амбициозен да се прогласи себеси за монарх.
Комунистичкиот режим остави трошни блокови станови и хотели, додека пристаништето имаше силна улога за време на падот на режимот во 1991 година, кога 20.000 Албанци си ги ризикуваа животите запленувајќи ги товарните бродови и заминувајќи за Италија во потрага за азил. Последниве десет години донесоа голема промена -- развојот на Драч е видлив дури и за странците. Тој се претвори во туристички град со многу нови, добро опремени хотели за туристите.
Економскиот развој, пак, ги поттикна инвестициите во инфраструктурниот и културниот сектор. Минатиот викенд градот го одржа својот прв Меѓународен летен филмски фестивал, привлекувајќи посетители од целиот свет.
Шеснаесет филмови -- добро пречекани од критичарите и снимени во 17 земји од 2006 година -- беа прикажани во театарот „Александар Мојсиу“ и во античкиот амфитеатар. Меѓу присутните имаше филмски уметници во потрага по меѓународно признание, како и чешкиот режисер и добитник на Оскар Јири Мензел, италијанскиот актер Микаеле Пласидо, хрватскиот актер Раде Шербеџија и српскиот актер Љубиша Самарџиќ.
Главната награда -- Златен гладијатор -- му беше доделена на Мензел за неговиот филм „Му служев на кралот на Англија“. Филмот, заедничка чешко-словачка продукција од 2006 година, е драма за еден келнер кој сонува да стане милионер, наспроти заднината на Чешкословачка за време на Втората светска војна.
Специјалната награда на жирито му беше доделена на норвешкиот режисер Мариус Холст за „Мируш“, трогателна драма за Албанци во Косово и имигранти. Косоварот Назиф Мухареми ја освои наградата за најдобар актер за својата улога во филмот. Жирито беше, исто така, импресионирано од изведбата на младата албанска актерка Орнела Капетани во филмот „Корекција“ на грчкиот режисер Танос Анастопулос.
Наградата за најдобар албански филм ја доби „Време на Кометата“ -- кој е копродукција со Германија и е во режија на Фатмир Коци. Филмот, адаптација на роман на Исмаил Кадаре, е храбра реконструкција на епохата кога е формирана албанската држава.
Иако не беа прикажани помеѓу главните дела на фестивалот, три други албански филмови прикажани таму беа интересни со својата разновидност на темите и пристапите. „Тагата на мадам Шнајдер“, во режија на Пиро Милкани, е одмерена, но трогателна љубовна приказна за Албанец кој студира во Прага и Чехинка за време на изолацијата на Албанија. Комедијата на Бесник Биша „Мао Це Дун“ ја раскажува приказната за еден Циганин кој успева да ја исмее комунистичката пропаганда со името што го избира за своето новороденче за време на режимот на Енвер Хоџа. „Тајни“, албанско-косовска продукција во режија на Спартак Пецани, е алегорија на транзицијата во Албанија.
Албанските филмски уметници се соочуваат со пречки поради недостатокот на средства, иако ситуацијата се чини дека се менува. Новиот фестивал претставува нов почеток за албанскиот филм, отворајќи ги вратите за повеќе копродукции и меѓународно видливост.