Бугарија повторно ја отпочна изградбата на нуклеарната централа Белене

04/09/2008

Бугарија се надева дека новата, 4-милионска централа ќе й помогне да ја врати својата претходна улога на балкански енергетски центар.

(Ројтерс, АФП, АП, ДПА, ЕурАктив, РИА Новости, СНА, Дневник, Медиапул, бугарска влада - 03/09/08; Софија Ечо - 02/09/08; Ројтерс - 01/09/08; Дневник - 28/08/08)

photo

Проектот Белене се очекува да ја зголеми вработеноста во регионот бидејќи за градежните работи ќе бидат потребни 10.000 луѓе, а самата фабрика ќе вработи 2.000. [Getty Images]

Бугарија повторно ја отпочна изградбата на својата втора нуклеарна централа (НПП) во средата (3-ти септември), во обид за враќање на својата водечка позиција на регионалниот енергетски пазар.

„Ова е најголемиот индустриски проект во Бугарија во изминативе 18 години“, рече премиерот Сергеј Станишев превртувајќи го првиот бусен од централата од 2.000 мегавати во близина на северниот град Белене, на реката Дунав. „Нуклеарната енергија и развојот на Белене ќе ја загарантираат автономноста на земјата во поглед на енергетските резерви.“

Вредноста на новата нуклеарна централа се проценува на 4 милиони евра, но многумина очекуваат таа да достигне повеќе од 6 милијарди евра до средината на 2014 година, кога централата треба да стане целосно оперативна. Сместена на околу 250 километри североисточно од Софија и околу 100 километри источно од постојната нуклеарна централа Козлодуј, Белене ќе има два руски ВВЕР-1000 реактори со вода под притисок, секој со инсталиран капацитет од 1.000 мегавати и трајност од 60 години.

Овие реактори се „сметаат за најдобар модел во ЕУ“ и нудат високо ниво на безбедност, според соопштението на владата.

Нуклеарната централа Белене беше одобрена во раните 1980-ти и нејзините темели беа поставени во 1987 година. Но, четири години подоцна поради недостатокот на средства и притисокот од еколошките групи, власта беше принудена да го прекине проектот, откако потроши повеќе од една милијарда американски долари.

Истиот беше официјално одмрзнат во април 2005 година, околу три години откако властите ја донесоа одлуката за продолжување со изградбата. Тие се надеваа дека Белене ќе надомести намалувањето на извозот на електрична енергија, кој уследи откако ЕУ побара затворање на четири од реакторите на Козлодуј во јануари 2007 година.

Според бугарското Државно претпријатие за електрична енергија (НЕЦ) извозот на струја се намали од 7,7 милиони киловатчасови во 2006 година на 4,5 милиони во 2007 година.

Темелите на двата оддели треба да бидат поставени во март 2009 година, додека конкретната изградба треба да започне околу два месеци подоцна. Одделот 1 се очекува да биде изграден и отворен во декември 2013 година, а одделот 2 во јуни 2014 година.

НЕЦ, кој ќе има мнозински удел од 51 отсто во централата, направи договор со рускиот извозен монопол за нуклеарна електрична опрема и услуги Атомстројекспорт во 2005 година за изградба на НПП Белене, заедно со француски Арева и германски Сименс како субконтрактори. Истиот сега се очекува да избере стратешки партнер за купување на преостанатите 49 отсто малцински удел во централата до крајот на овој месец.

Германското претпријатие РВЕ и белгиското претпријатие за електрична енергија Електрабел, кои во март беа ставени во потесниот избор, сега се очекува да ги поднесат своите конечни понуди до 15-ти септември. Министерот за економија и енергија, Петар Димитров, во средата рече дека стратешкиот партнер ќе биде избран до крајот на овој месец.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading