04/09/2008
Претставниците на ЕУ во Брисел дадоа светла слика за шансите на Србија, истовремено предупредувајќи дека сепак мора да се исполнат условите.
Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград – 04/09/08
![]() „Ќе биде можно да се добие кандидатски статус следната година“ ако бидат исполнети условите, рече претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо (десно), по својот состанок со српскиот претседател Борис Тадиќ. [AФП] |
Претставниците на ЕУ, кои во средата (3-ти септември) се состана со српските претставници, го поддржаа спроведувањето на привремениот трговски договор со Белград. Документот беше потпишан на 29-ти април, заедно со Договорот за стабилизација и асоцијација на Србија, но двата документа беа одложени додека Белград не оствари целосна соработка со Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ).
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Хавиер Солана, им рече на српските официјални претставници за време на состанокот во Брисел, дека привремениот договор ќе стапи на сила во блиска иднина.
„Србија сега има нова, проевропска влада и сака да ги продлабочи своите односи со ЕУ, и ние сме апсолутно решени да напредуваме во тој правец“, рече Солана. Тој додаде дека Србија би можела да стане кандидатка за членство во ЕУ уште на почетокот од 2009 година, макар што останува да се заврши уште многу работа за да се оствари таа цел.
На 10-ти септември главниот обвинител на МКТЈ Серж Брамерц ќе пристигне во Белград да ја оцени соработката со Хашкиот суд. Ако тој даде позитивна оценка, трговскиот договор може да стапи на сила уште на 15-ти септември, кога ЕУ ќе одржи самит. Но, две земји-членки -- Белгија и Холандија -- сигнализираа притивење, велејќи дека Србија најпрво мора да ги уапси и предаде главниот обвинет за воени злосторства Ратко Младиќ.
Запрашан дали овие две земји-членки ќе дадат зелено светло, Солана рече само дека го очекува спроведувањето „за многу брзо“. Тој, исто така, рече дека нема да бидат поставувани нови политички услови за пристапот на Србија во ЕУ -- со други зборови нема да се бара од Белград да ја признае независноста на Косово.
Во средата претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, рече дека верува оти Србија може да добие кандидатски статус за ЕУ во 2009 година, бидејќи ги исполни сите потребни услови. Сепак, тој предупреди дека најпрво мора да започне процесот на ставање на ДСА пред членките на ЕУ за ратификација.
Српскиот претседател Борис Тадиќ, кој ја предводеше делегацијата на Белград во Брисел, рече дека неговата земја се надева дека ќе стане кандидатка што е можно поскоро и дека ќе биде ставена на Шенген „белата“ листа во 2009 година. Тој рече дека Србија е решена да ги исполни сите своите обврски кон МКТЈ и дека очекува позитивен извештај од Брамерц.
Тој, исто така, изрази уверување дека српскиот парламент наскоро ќе го ратификува ДСА. Процесот се одолговлечи поради опозициските пратеници.
Српската делегација, која го вклучуваше и премиерот Мирко Цветковиќ и министерот за надворешни работи, Вук Јеремиќ, рече дека властите ќе сторат сé што можат за да го одблокираат процесот. Во исто време, тие ветија дека Белград никогаш нема да ја признае независноста на Косово и инсистираа на тоа дека мисијата на ЕУ во Косово, ЕУЛЕКС, може да биде распоредена само со согласност од Советот за безбедност на ОН.