Почнаа новите кипарски мировни преговори

03/09/2008

Состанокот помеѓу водачите на заедниците на кипарските Грци и кипарските Турци во средата го одбележа официјалниот почеток на новите преговори со цел ставање крај на 34-годишната поделеност на Кипар.

(Ројтерс, АП, АФП, СНН, ДПА, ББС, ФТ, Еуопсервер, Дојче веле, КНA - 03/09/08; AП, ДПА, СНА, Фамагуста газете - 02/09/08)

photo

„Ние мораме, конечно, да ставиме крај на страдањата на народот и да ја обединиме нашата земја“, им рече кипарскиот претседател Деметрис Христофиас на новинарите по состанокот. [Getty Images]

Кипарскиот претседател Деметрис Христофиас и водачот на кипарските Турци, Мехмет Али Талат, во средата (3-ти септември) започнаа нов круг мировни разговори, во време кога се големи надежите дека процесот ќе води до договор со кој ќе се стави крај на 34-годишната поделеност на овој медитерански остров.

„Ние мораме, конечно, да ставиме крај на страдањето на нашиот народ и повторно да ја обединиме нашата земја“, рече Христофиас пред заминувањето на состанокот, кој се одржа во резиденцијата на специјалниот претставник на ОН во Кипар, Тај-Брук Зерихаун, во тампон зоната на ОН, која ја дели Никозија. На разговорите присуствуваа и поранешниот австралиски министер за надворешни работи, Александар Даунер, кој беше специјален претставник на ОН за Кипар од јули.

Главниот помошник на Талат, исто така, беше оптимист во врска со крајниот исход.

„Ова е историски ден, прекрасен ден“, Ројтерс го цитираше Оздил Нами. „Двајцата водачи ќе испратат порака на надеж до својот народ... до светот, дека се подготвени да преговараат.“

Последниот обид за решавање на прашањето заврши со неуспех во април 2004 година, кога гласачите на кипарските Грци со големо мнозинство го отфрлија договорот за повторно обединување спонзориран од ОН. Иако повеќето кипарски Турци гласаа за предлогот, само меѓународно признаениот, грчки дел од островот пристапи во ЕУ на 1-ви мај истата година.

Надежите за блокираниот процес се зголемија претходно оваа година откако Христофиас победи на вториот круг од претседателските избори, ветувајќи дека нема да штеди напори за ставање крај на поделеноста на островот. Во нивниот први разговори лице в лице на 21-ви март, тој и Талат се согласија да отпочнат подготовки за нови директни преговори.

Според договорот, шест работни групи и седум технички комисии беа формирани во април, со задача да ги разработат деталите на договорот за повторно обединување, пред почетокот на сеопфатните мировни разговори спонзорирани од ОН.

По неколку состаноци за проценка на напредокот што го постигнаа комисиите, пред околу шест недели Христофиас и Талат го одредија 3-ти септември како датум за почеток на новите преговори.

Во својот коментар на отворањето на преговорите во средата, Христофиас истакна дека секое евентуално решение треба да се заснова на принципите што тој и Талат ги потврдија за време на нивните претходни состаноци.

„Мораме постојано да се придржуваме на договорените заеднички основи ... бизонална федерација на две заедници со политичка еднаквост, како што е дефинирано во резолуциите на Советот за безбедност, со единствен суверенитет, државјанство и меѓународен карактер“, рече тој.

Договорот ќе мора да биде „одобрен од народот на одделни истовремени референдуми без арбитража или вештачки временски рамки, со цел да се зачува кипарската сопственост на процесот и исходот да биде кипарско решение на Кипарците и за Кипарците“, додаде Христофиас.

Фокусот на состанокот во средата беше ставен на процедуралните прашања, при што конструктивните разговори треба да започнат на 11-ти септември. За време на преговорите ќе биде разговарано за голем број прашања поврзани со повторното обединување, вклучително и управувањето, прашањата на ЕУ, економијата, здравството и животната средина. Безбедноста, имотните права и територијата се очекува да бидат помеѓу најгорливите прашања.

Решението на кипарското прашање ќе значи крај на меѓународната изолација на кипарските Турци, кои сочинуваат помалку од една петтина од населението на островот од скоро 800.000 луѓе.

Иако не е одреден краен рок за преговорите, Талат изрази надеж дека ќе може да се постигне договор до крајот на оваа година.

Двајцата водачи, кои се очекува да се состануваат најмалку еднаш неделно за време на разговорите, одлучија да воспостават сигурна директна телефонска линија за да можат да имаат директен телефонски контакт за време на процесот.

Упатувајќи пофалби до двете страни за надминувањето на тешкотиите во текот на изминатите неколку месеци и за нивната посветеност на постигнувањето решение, Даунер предупреди за потенцијалните тешкотии и предизвици во месеците што следат.

„Кипарскиот проблем не е нерешлив и преговорите кои вие ги започнавте денес можат и мораат да имаат успешен исход“, рече тој на разговорите во средата. „Вие го поседувате овој процес и, како резултат на тоа, вашето континуирано водство претставува клучен елемент за тој да биде успешен.“

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading