ЕУ: Односите со Русија на „крстосница“

02/09/2008

ЕУ ќе ги одложи понатамошните преговори за стратешкиот политички и економски договор со Русија додека земјата не ги повлече сите свои сили од Грузија, рекоа водачите на ЕУ по самитот во понеделникот во Брисел.

(AФП, АП, Блумберг, Гардијан, Интернешнал хералд трибјун, ЕурАктив - 02/09/08; Ројтерс, АП, АФП, ДПА, ББС, ФТ, Еуопсервер, ЕУ - 01/09/08)

photo

„Мислам дека најдовме одличен компромис (со) непродолжувањето на работата како вообичаено, но сепак ставајќи до знаење дека сакаме да го одржиме контактот со Русија“, рече германската канцеларка Ангела Меркел. [Getty Images]

Водачите на ЕУ во понеделникот (1-ви септември) одлучија да ги прекинат разговорите за новиот договор за соработка со Русија додека таа не ги повлече, како што претходно вети, сите војници од Грузија до линиите што ги држеа пред избивањето на конфликтот помеѓу двете земји минатиот месец.

„Додека војниците не се повлечат до позициите што ги држеа пред 7-ми август, состаноците во врска со преговорите за Договорот за партнерство ќе бидат одложени“, рекоа тие во изјавата по вонредниот самит во Брисел.

Разговорите за новиот политички и економски договор помеѓу ЕУ и Русија, кој ќе го замени оној потпишан во 1997 година, започнаа во јули. Следниот круг треба да започне на 15-ти септември.

Францускиот претседател Николас Саркози, чија земја моментно претседава со ЕУ, свика итен состанок за кризата на Кавказот и врските на блокот од 27 нации со Русија.

Русија на 12-ти август се согласи да ги повлече сите војници од Грузија, но сé уште има стотици „мировници“ во земјата.

„Со кризата во Грузија, односите помеѓу ЕУ и Русија дојдоа на крстосница“, рекоа водачите на блокот во заедничката изјава од понеделникот, повикувајќи ја Москва „да не се изолира себеси од Европа“ и да ги почитува сите свои обврски. Тие, исто така, истакнаа дека Унијата ќе ги следи Кавказ и Русија во периодот пред планираниот самит во ноември меѓу ЕУ и Русија.

Саркози, претседателот на Европската комисија (ЕК) Жозе Мануел Бароси и шефот за надворешна политика на ЕУ, Хавиер Солана, следната недела ќе ги посетат Москва и Тбилиси, на понатамошни разговори за кавкаската криза.

„Оваа криза значи дека ние мораме да ги преиспитаме нашите односи со Русија“, им рече францускиот претседател на новинарите по самитот. „ЕУ ќе го поздрави вистинското партнерство со Русија, но за танго [се потребни] двајца.“

Неговиот состанок следната недела со неговиот руски колега, Дмитри Медведев, ќе биде „клучен“ за односите на ЕУ со Русија, истакна тој.

Во својата изјава од понеделникот, водачите на ЕУ остро ја критикуваа Русија за „непропорционалната“ употреба на сила во Грузија и нејзиното еднострано признавање на 26-ти август на независноста на отцепените покраини на својот јужен сосед, Абхазија и Јужна Осетија.

„Таа одлука е неприфатлива и Европската унија ги повикува другите земји да не ја признаваат оваа прогласена независност и бара од ЕК да ги испита практичните последици од тоа“, рекоа тие.

Водачите на ЕУ одлучија да ја зајакнат набљудувачката мисија на ОБСЕ во Јужна Осетија, испраќајќи околу 200 набљудувачи и веднаш распоредувајќи мисија за утврдување на фактите. Тие ќе доделат помош за реконструкцијата во висина од 110 милиони евра и наскоро ќе организираат меѓународна донаторска конференција.

Според изјавата од понеделникот, блокот ќе ги зајакне и односите со Грузија.

Водачите побараа од ЕК да ги разгледа начините за намалување на зависноста на блокот од Русија за една третина од нејзината нафта и 40 отсто од нејзиниот увоз на природен гас.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading