01/09/2008
„Духот на обичниот народ и на децата е оној кој ми дава надеж за иднината на Косово“, рече генерал Ксавиер де Марнак во петокот во Приштина, при предавањето на командата на КФОР.
Од Блерта Фониќи-Кабаши за Southeast European Times во Приштина – 01/09/08
![]() Командантот на КФОР, Џузепе Емилио Гај, ја презеде својата функција во петокот (29-ти август). [НАТО] |
Францускиот генерал Ксавиер де Марнак во петокот му ја предаде командата на КФОР на италијанскиот генерал Џузепе Емилио Гај, кој стана 13-ти командант на мировните трупи во Косово.
Де Марнак рече дека е среќен што беше дел од КФОР.
Обраќајќи му се на народот на Косово во својот говор, тој рече: „Постојано покажувате висок степен на трпеливост и зрелост во ова историско време од иднината на Косово.“
Тој спомена дека ги посетил сите делови на Косово за време на својот мандат, вклучително и малцинските области.
„Духот на обичниот народ и на децата е оној кој ми дава надеж за иднината на Косово“, рече Де Марнак.
На церемонијата присуствуваа највисоки официјални претставници на Косово, претставници на меѓународните институции, дипломати со седиште во Приштина и командантот на Јужното крило на НАТО, адмирал Марк Фиџералд.
Фиџералд рече дека НАТО ќе продолжи да го поддржува мирното и стабилно опркужување во Косово, кое ќе ја промовира економската стабилност и слободното и демократско општество.
Косовскиот претседател Фатмир Сејдиу ја пофали работата на КФОР. „Периодот што доаѓа претставува следен предизвик за Косово, во кој КФОР ќе има своја улога во воспоставувањето на Косовските безбедносни сили“, рече тој.
„Косово се бори да воспостави свои безбедносни сили, кои ќе им служат на сите негови граѓани без да прават етнички разлики“, рече Сејдиу.
Де Марнак предвиде дека новиот командант ќе биде многу успешен и ќе биде сведок на многу промени во текот на својот едногодишен мандат.
Гај е трет командант на КФОР што доаѓа од Италија.
КФОР, меѓународните сили предводени од НАТО, влегоа во Косово на 12-ти јуни 1999 година, под мандат на ОН, два дена по усвојувањето на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.
На официјалната веб-страница на КФОР е наведено дека во 2008 година вкупно 15.000 војници од 34 земји служат во силите.