01/09/2008
Генерал Илкер Басбуг, новиот началник на турскиот Генералштаб, вели дека плуралистичката демократија бара зачувување на секуларизмот. Тој смета дека турско-американските односи се „извонредни“ и повикува на фер третман од страна на ЕУ на кандидатурата за членство на Анкара.
Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 01/09/08
![]() „Турско-американските односи се длабоко вкоренети и градени на заедничките вредности“, рече генерал Илкер Басбуг. [Getty Images] |
Генерал Илкер Басбуг стана началник на турскиот Генералштаб минатата недела и одржа клучен говор во кој ги изнесе своите ставови за секуларизмот, нацијата-државата и глобализацијата.
Неколкумесечната битка за власт во Турција помеѓу владата на Партијата на правдата и развојот (АКП) со исламски корени и секуларистите, предводена од војската, го сврте вниманието на предавањето на највисоката позиција во војската.
Басбуг, во долгоочекуваното обраќање, ја искажа посветеноста на војската на демократијата и демократските принципи, истовремено изразувајќи загриженост поради зголемената исламизација на општеството под власта на АКП.
„Дел од нашето општество се плаши од нов културен идентитет и животен стил во Турција, со појава на доминација на религијата. Овие стравувања треба да се сфатат сериозно“, рече Басбуг.
Командант на турските копнени сили во изминатите две години, тој цврсто се залага за зачувување на секуларизмот и унитарниот карактер на турската нација-држава.
„Генерал Басбуг ја презеде најтешката позиција во едно тешко време“, пишува колумнистот ветеран-либерал Мехмет Али Биранд во весникот Милијет. Биранд му оддава признание на генералот за поседувањето „извонредни квалификации“ во едно вакво време.
Според Биранд, Басбуг е познат по своето длабоко познавање на политичко-воените прашања и реализмот.
За време на церемонијата на предавање на функцијата, експертот Басбуг го цитираше филозофот Јурген Хабермас, истакнувајќи ја потребата за зачувување на нацијата-државата против предизвиците на глобализацијата.
Водечките актери на глобализацијата се обидуваат да ги зајакнат своите национални структури за решавање на предизвиците на глобализацијата. Не можеме да го игнорираме тоа што ова важи и за Соединетите Држави и за земјите-членки на Европската унија, истакна тој.
Говорејќи за националистичкиот принцип и курдското прашање, Басбуг сигнализираше поддршка за проширувањето на културните права за етничките Курди во Турција, но ја отфрли можноста за каков било потег за давање „групни права“, со што рече дека би се поткопала структурата на нацијата-државата.
Како и многу високи турски генерали и Басбуг има позадина во НАТО. Тој служел како шеф за логистика и инфраструктура во Врховниот штаб на сојузничките сили во Европа (СХАПЕ) во Монс, Белгија, и како командант на Првата оклопна бригада во Истанбул.
За време на своето прво обраќање како највисок турски командант минатата недела, тој ги опиша воените односи со Соединетите Држави како „извонредни“ и ги пофали САД за помошта во борбата против Курдистанската работничка армија. „Турско-американските односи се длабоко вкоренети и градени на заедничките вредности“, рече тој.
Тој имаше порака и за ЕУ. Басбуг го повика Брисел да й даде на Анкара третман каков што уживаа и другите земји-членки за ЕУ.
Тој ги посочи стратешките потреби на ЕУ и предупреди дека влијанието на блокот од 27 земји-членки ќе заврши на Балканот, без Кавказ и Блискиот Исток, ако тој не стори ништо за прием на Турција. Покрај тоа, рече тој, Турција е највлијателната секуларна демократија во регионот.